Економија Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Во тек се градежни зафати за реконструкција на Кардиолошкиот завод во Охрид

Охрид, 20. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во тек се градежни зафати за санација на објектот на ЈЗУ Специјализирана болница за лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид.

Истите се во рамки на проектот на министерството за локална самоуправа, поддржано од Швајцарската Агенција за развој и соработка.

– Проектот вклучува зафати во насока на поголема енергетска ефикасност, дигитализација и набавка на современ ултразвучен ехо апарат. Ние сме само корисници, динамиката на зафатите не зависи од нас. Крај на 2024 година е дадено како рамка за завршување на проектот. Сега се работи на фасадата и од понеделник се планира и да се работи на кровот. Ехо апаратот допрва ќе се набавува, вели за Супер радио и OhridPress dиректорка д-р Елена Коваческа- Башуроска.

Таа додава дека зафатите се во насока на подобрување на условите и здравствените услуги, ефикасноста и брзината, се’ со цел да се овозможи подобра услуга за пациентите.

Инвестирањето во енергетска ефикасност ќе значи подобри услови за пациентите, енергетска заштеда и комоплетна искористеност на капацитетите на болницата 12 месеци во годината. Проектот чини вкупно околу 395 илјади евра, односно 23 милиони и 500 илјади денари, од кои министерството за локална самоуправа ќе издвои 185.000 евра, Швајцарската конфедерација преку Швајцарската амбасада 158 илјади евра и Општина Охрид околу 50.000 евра.

Проектот има три компоненти: градежни зафати, односно реконструкција на 1.900 м² покрив, поставување термофасада на 2.100 м² и замена на околу 50 прозорци, со цел објектот да се направи енергетски ефикасен.

Проектот е дел од грантовата шема на Министерството за локална самоуправа на Репубика Македонија и Швајцарската Агенција за развој и соработка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: FB Pero Ilik/ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука