Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Иако Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење е на сила 12 години, на терен како воопшто да не постои

Охрид, 21. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Иако Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење е на сила 12 години, на терен како воопшто да не постои, реагираат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.

– Пред неколку дена се одржа седница на Националната комисија за УНЕСКО, на која се дискутираше за одлуката и за заклучоците од 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржа од 10 до 25 септември во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, а кои се однесуваат на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Министерството за култура, во соработка со Управа за заштита на културното наследство и Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) веќе го објавило Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Со овој Предлог-закон се менува режимот на заштита на споменичната целина кој ќе спречи реализација на дивоградби, надградба и изградба на нови објекти во споменичната целина. Колку за потсетување, Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење беше објавен во Службен весник бр. 47 од 8-ми април 2011 година. Иако е на сила изминативе 12 години, на терен делува како и воопшто да не постои. Дури и тогаш тој закон беше задоцнет, имајќи предвид дека девалвацијата на старото градско јадро беше започната децении наназад, кулминирајќи веројатно од осамостојувањето на Македонија, со особена прогресија изминативе дваесет години. За да се нештата уште потрагични, институциите назначени за заштита се оние кои замижуваат пред уништувањето на спомениците на културата или се соучесници на инвеститори кои не прават ни т.н. факсимилна реконструкција на некој стар објект, туку градат нешто ново со поголем обем и несоодветно за таа локација. Десетици автентични објекти се тргнати од листата културни добра затоа што институциите немаат редовен мониторинг и само констатираат дека одреден објект е уништен, post festum. Никој не сносел одговорност, никој не е санкциониран, си продолжува молчешкум старата практика.
Сега, откако практично се измена личниот опис на старото градско јадро, се носи предлог-закон со кој ќе се менува режимот на заштита на споменичната целина, кој ќе спречел реализација на дивоградби, надградба и изградба на нови објекти во споменичната целина. Невиден парадокс. Непознато е дали и овие нови измени на законот ќе бидат само pro forma, реагираат од Охрид SOS.

Додаваат дека сме сведоци како на безмалку „талибански“ начин неодамна се уништил архитектонски објект од почетокот на минатиот век, лоциран во контактната зона на Старото градско јадро, додека институциите воопшто не изреагирале како што треба, да го заштитат од градежната машинерија.

– Од одобрение за реконструкција издадено од Општина Охрид и мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид со кое се дозволува само промена на столарија и санација на фасадата, дојдовме до целосно уништен објект. Ова е само еден пример. Ако нема суштинска заштита на културното наследство и реални санкции за сите кои го уништуваат, тогаш попусти се и измени, и дополнувања и секакви други формални интервенции на законите и другите одредби. Ако имаме само зборови на хартија а на дело се прават секакви компромиси, тогаш зошто воопшто постојат институциите и законите? – стои во реакцијата на Охрид SOS. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука