Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Центар за развој на Југозападниот плански регион: Со зафатите за реконструкција на Кардиолошкиот завод се очекува за околу 30% да се намалат вкупните трошоци на болницата

Охрид, 1. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Вработените и пациентите во Болницата за кардиолошки заболувања во „Свети Стефан“ во Охрид веќе ги чувствуваат ефектите од зафатите за нејзина реконструкција. За околу еден месец целосно да бидат завршени работите за замена на вратите и прозорците со нова PVC дограма, како и завршните работи на фасадата, информираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

– Паралелно ќе течат и работите на кровот од објектот, при што најпрво ќе се извршат интервенции во поткровната конструкција, а потоа ќе биде поставен и нов покривач. Со овие зафати се очекува за околу 30 проценти да бидат намалени вкупните трошоци за болницата, во прв ред за греењето, но и за потрошувачката на електрична енергија и вода. Во реконструкцијата на болницата се вложени околу 15 милиони денари, при што поголемиот дел на средства се добиени како грант од Швајцарската конфедерација и од централниот буџет на државата, а свое учество има и болницата и Општина Охрид, потенцираат од Центарот.

Додаваат дека проектот за реконструкција на болницата му е одобрен на Центарот за развој на Југозападниот плански регион во рамките на Грантовата шема за инвестициски проекти од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука