Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Застаре предметот за изградба на автопатот Кичево-Охрид

Скопје/Охрид, 3. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Полна деценија по почетокот на изградбата, контраверзниот автопат Охрид-Кичево и понатаму не престанува да ја бранува македонската, а особено охридската јавност.

На точно два месеци до најавениот завршеток на работите на автопатот Охрид-Кичево, екипа на OhridPress го помина овој патен правец и преку фотографии и видео долови до каде се градежните работи, а вчера изјава на оваа тема имаше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој најави дека е можно раскинување на договорот.

Поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот заменик Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески како и поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски се спасија од затвор откако денеска Јавното обвинителство предложи судската постапка против нив да биде запрена. Причина за ова е застарувањата на кривичните дела за кои се судат, а по последните измени на Кривичниот законик. Случајот се однесуваше за постапката за избор на кинеската компанија Синохидро за изградба на автопатиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.

– Имајќи го предвид предлогот на Јавното обвинителство (ЈО) и измените на Кривичниот законик (КЗ), судот донесе решение да се запре кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службена положба и овластување, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело примање награда за противзаконито влијание, кажа денеска на судското рочиште, претседателот на судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје, судијата Илија Трпков.

Обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште побара обвинението против обвинетиот Никола Груевски да биде повлечено поради настапување на апсолутна застареност, а постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените во КЗ.

Случајот се однесуваше за постапката за избор на кинеската компанија Синохидро за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид позната како „Траекторија“.

Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Случајот го водше судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението беше обвинителката Лиле Стефанова. (Крај)

извор: мкд.мк/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука