Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на ромскиот јазик, во Охрид живеат 232 Роми

Скопје/Охрид, 5. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска е 5-ти ноември, ден кога се одбележува Светскиот ден на ромскиот јазик, чин со кој се одбележува културата на Ромите како богатство на целото човештво.

Во 2015 година, УНЕСКО за првпат го прогласи 5-ти Ноември како Светски ден на ромскиот јазик, чин со кој се препознава важноста и еднаквоста на сите јазици. Во светот денеска ромскиот јазик го зборуваат најмалку 12 милиони говорници.

Ромскиот јазик е значаен дел од идентитетот на ромскиот народ и претставува сведоштво за историјата на ромската заедница и придонесува во зачувувањето на нивната уникатна култура којашто со своите карактеристики ја збогатува севкупната културна ризница во светот и Република Македонија.

Со чествувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, се истакнува значењето на негувањето на ромскиот јазик како чувар на нивната традиција, фолклорот и културата. Прикажувајќи ја суштината на ромскиот начин на живот, нивните приказни и нивните вредности, ромскиот јазик претставува мост до разновидното наследство на ромската заедница.

Поддршката за негувањето на ромскиот јазик е важна не само за зачувување на културното наследство на ромската заедница, туку претставува и начин за јакнење и збогатување на нашето мултикултурно општество. Унапредувањето на севкупниот образовен процес на децата Роми и обезбедувањето на соодветните услови е од клучно значење за натамошното негување на ромскиот јазик. Во таа насока, особено се значајни заложбите и посветеноста кон обезбедување услови за поголема институционална поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик.

Ромскиот јазик и неговите многубројни богати варијации беше прогласен за официјален јазик на Ромите на Првиот светски ромски конгрес кој се одржа во Лондон во 1971 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика од пописот кој беше спроведен во 2021 година. во Охрид живеат 232 Роми од кои 100 мажи и 132 жени. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука