Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Судска медицина ќе ја утврдува причината за смртта на детето во Охрид

Скопје/Охрид, 6. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за здравство (МЗ) во врска со смртниот случај во Охрид на дете од година и единаесет месеци соопшти дека судска медицина ќе ја утврдува причината за смртта.

Од МЗ вечерва потврдија дека детето денеска во 07.12 часот било донесено без знаци на живот во Охридската болница.

– На одделот за Анестезија, реанимација и интензивно лекување при ЈЗУ Општа болница Охрид, денеска во 07:12 часот од страна на службата за Итна медицинска помош, донесено е дете од година и единаесет месеци без знаци на живот. Од страна на анестезиолошки тим веднаш е пристапено кон реанимација, но истата е без успех. Причината за смрт ќе ја утврдува судска медицина, информираа од Министерството.

На 6-ти ноември 2023 година, во 07:44 часот во СВР Охрид, од Медицински центар Охрид било пријавено дека кај нив во тешка здравствена состојба како резултат на претходни заболувања било донесено едногодишно бебе, кај кое по реанимацијата била констатирана смрт без траги на насилство.

– За настанот бил запознаен јавен обвинител, по чија наредба телото било дадено на семејството, информираат од СВР Охрид.

Детското одделение во болницата во Охрид, поради недостиг на педијатри работи само како дневна амбуланта, а децата во ноќните часови, во викендите и празниците на прегледи и за хоспитализации се упатуваат во болницата во соседна Струга. Охрид остана без болничко лекување за најмладите пациенти пред две години. Од тогаш во повеќе наврати од Министерството за здравство најавуваа решение на проблемот, но во Детското одделение во охридската болница и натаму се вршат само амбулантски прегледи. (Крај)

извор: МЗ/СВР Охрид фото: Канал 5

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука