Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Се одбележува Светскиот ден на дијабетесот

Скопје/Охрид, 14. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против дијабетесот, шеќерната болест или како што се нарекува чума на модерното време.

Годинашното мото под кое Сојузот на здруженија на дијабетичари ќе го одбележи денот е „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија-дејствуваме пред да стане непоправливо“.

Немање континуитет во достапноста на современа терапија, пристап до медицински помагала за мониторинг на гликемијата, како и недостаток од континуирана и структурна едукација се предизвиците со кои се соочуваат пациентите болни од дијабетесот.

1 од 10 возрасни луѓе во светот има дијабетес. Над 90% имаат дијабетес тип 2. Скоро половина сѐ уште не се дијагностицирани.

Во Република Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2022 година, објавен од Институтот за jавно здравје, бројот на ново регистрирани новодијагностицирани болни со дијабет изнесува 7.737 случаи, а вкупната преваленца изнесува 134. 668 случаи.

За оваа болест нема возрасна граница. Како причини за појава се наведени брзата и нередовна исхрана, долгото седење пред компјутер со што отсуствува физичката активност. Дијабетесот е главна причина за откажување на бубрезите, срцев удар, мозожен удар и ампутација на долните екстремитети. Лекарите препорачуваат движење, физичката активност и консумирање храна повеќе пати во текот на денот, но во помали количини.

Дијабетесот е хронична болест која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот.

hranadijabetes

Има два типа дијабетес, тип 1 и тип 2. Дијабетесот од тип 1 е автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.

Дијабетесот од тип 2 е најчеста форма на болеста, која претежно ги афектира возрасните, но во последните години се јавува и кај тинејџерите и младите лица поради прекумерно зголемување на телесната тежина. Кај овој тип на дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или таа количина не е доволна за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.

Дијабетесот се јавува и кај бремените жени и тој тип е познат како гестациски дијабетес. Причината за појавата на дијабетесот лежи во тоа што за време на бременоста хормоните од плацентата ја блокираат активноста на инсулинот, а со тоа се спречува влезот на гликозата во клетките и расте нивото на гликозата во крвта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука