Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Вкупно 45 медали и 6 пехари за нашите таеквондисти на „Бугарија Опен“ и „Корча Опен“

Охрид, 14. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 45 медали и 6 пехари освоија нашите најдобри таеквондисти викендов на двата Меѓународни Таеквондо турнири „Бугарија Опен 2023“ во Пловдив и „Корча Опен 2023“, информираат од Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (ИТФ).

На турнирот во Бугарија учествуваа над 700 натпреварувачи од 12 европски земји. Охриѓанката Христијана Парулеска, која поради повреда се’ уште не се натпреварува, ја имаше честа да ја дели правдата и беше прогласена помеѓу најдобрите 10 судии на натпреварот. На овај натпревар учествуваа 5 натпреварувачи од Таеквон-до клубовите „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид и „Сонкал“ од Мислешево кај Струга.

– Покрај огромната конкуренција, освоени се 3 медали, од кои 1 сребрен и 2 бронзени. За жал, нашите натпреварувачи беа оштетени од страна на судиите. Елена Јанеска беше сопрена во полуфиналето од судиите до првото место, со кое бевме сигурни дека ќе го освои, додека Давид Крстески уште во првата борба беше поразен од страна на судиите. Tеодора Тодороска како дебитант успеа да се закити со медал, кој за неа е огромен успех, вели Марјанчо Лазаревски, претседател на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација.

Освојувачи на медали на „Бугарија Опен 2023“:

– Давид Крстески 2 место (сребро) форми за црн појас први дан, јуниори 16-17 години
– Елена Јанеска 3 место (бронза) борби, јуниорки 16-17 години -70 кг
– Теодора Тодороска 3 место (бронза) борби, јуниорки 14-15 години -65 кг

Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (ИТФ), под водство на националниот селектор Саша Поповски, викендов зеде учество на Меѓународниот Таеквон-до ИТФ натпревар „Корча Опен 2023“ во Албанија каде учествуваа 27 натпреварувачи од клубовите: „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид, „Мастер“ Охрид, „Чон Џо“ од Косел, Охрид, „Ахилиус“ Скопје и „Сонкал“ од Мислешено, Струга. Правдата ја делеа двајцата наши судии Божидар Димитриевиќ и Софија Колушоска.

Освоени се вкупно 18 златни, 11 сребрени, 13 бронзени и 6 пехари од кој 5 за најдобри поединци, и пехар за најдобар клуб второ место за Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“.

– Нашите клубови се покажаа во најдобро светло, натпреварувајќи се во две дисциплини – форми и борби, Тие доминираа на борилиштата, иако некои од нив беа дебитанти, Покажаа голема храброст и пожртвуваност, а посебно за пофалба се членовите од „Сонкал“ Мислешево, кои се релативно млади. Ова беше еден од најуспешните натпревари каде мразот го скршија неколку почетници а некои се закитија и со медали, истакна селекторот Поповски.

Освојувачи на пехари на „Корча Опен 2023“:

– Климент Богоески – „Хва Ранг ИТФ“, Лескоец Охрид
– Теодора Митреска – „Мастер“ Охрид
– Софија Колушоска – „Хва Ранг ИТФ“, Лескоец Охрид
– Давид Ристески – „Хва Ранг ИТФ“, Лескоец Охрид
– Анастасија Трифуноска –  „Хва Ранг ИТФ“, Лескоец Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука