ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Почина Субрата Рој, несудениот охридски „инвеститор“

Охрид, 15. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 74-годишна возраст почина индискиот бизнисмен Субрата Рој, човекот кој своевремено беше најавуван како голем „инвеститор“ во Република Македонија, а потоа заврши во затвор.

– Нашиот инспиративен лидер и визионер, почина на 14-ти ноември 2023 година во 22:30 часот поради кардиореспираторен застој по долга битка со компликации кои произлегуваат од метастатски малигнитет, хипертензија и дијабетес, се наведува во соопштението од „Сахара Индија Паривар групацијата“.

Детали од „охридскиот дел на бајката за Субрата Рој“

Македонската Влада своевремено го најави Субрата Рој како голем странски инвеститор кој требаше да го дигне на нозе земјоделскиот комбинат „Џумајлија“, да отвори таму фарма со 20.000 крави, да изгради туристички центар на брегот на Охридското Езеро, а во најава беше дури отворање на филмски студија.

Инвестицијата на Рој, по системот „топло-ладно“, власта по потреба и на начин на кој најмногу и` одговарапе и` ја претставуваше во јавноста. Најавуван како „инвестиционо чудо“ и „спасител“, го посетуваше Охрид со повеќе членови на неговото семејство, делеше бакшиши, го шетаа со хеликоптери да му ги покажат убавините, го гоштеваа по најелитните ресторани. Контраверзниот бизнисмен, иако од најголемиот дел од јавноста беше пречекан со сомнеж, од власта, барем во прво време, беше пречекан со отворени раце. МПЦ му порача дека нема да ја даде земјата толку лесно, му изгради високи ѕидови околу Св. Наум и дури му порача дека ќе му коле по една света индиска крава секој ден, ако се реализира најавеното. Субрата сепак не потклекна, го купи хотелот „Славија“ во близина на Охрид, неофицијално за 5 милиони евра, за „да ги смести главниот архитект и проектантите кои требаше да работат во Охрид“.

subrataohrid

Субрата своевремено најави дека „носи амбициозен проект, кој потсетувал на Лас Вегас“.

– На средбата со вашиот ценет премиер, имавме разговор за владите на двете земји, прашања општо за животот, филозофијата на живеење и почувствував дека премиерот разговара со посебни емоции за неговата земја. Ме покани да дојдам во Македонија. Отпрвин реков дека не можам ништо да ветам, но дека сакам искрено да дојдам. Кога дојдов, бев длабоко трогнат на најпозитивен начин од се што видов и си помислив зошто порано не сум дошол, порача за време на една од посетите на Охрид Рој и го најави мегаломанскиот проект вреден неколку стотици милиони долари, кој „ќе го внесе Охрид на листата од 10-те дестинации во светот со најлуксузни туристички комплекси“.

subrataljubanistaЗа градежните зафати во Љубаништа тој најави дека ќе бидат ангажирани најдобрите архитекти и најдобрите компании во светот.

– Носам одлична програма и проект, кој нема да биде добар само за мојата компанија, туку и за вашата земја. Одлуката за проектот е обострана, не еднострана. Проектот е амбициозен, можеби потсетува на градбите во Лас Вегас. Ќе има цела бродоградбена структура внатре во местото, изјави Индиецот Рој.

Тогашниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески, на 13-ти јуни 2013 година, само неколку месеци по доаѓањето на функцијата, изјави дека „очекува дека хотелско-туристичкиот комплекс во Љубаништа на индискиот милијардер Субрата Рој да се гради, но не е сигурен дека комплексот би се изградил за време на неговиот прв мандат“.

– Очекувам да се реализира овој проект. До крајот на вашиот мандат? Мислам дека тоа е невозможно бидејќи се работи за огромен комплекс кој вклучува многу објекти, многу градежни активност. Во склоп на тој објект треба да има околу 50 објекти за апартманско сместување, десетина хотели, спа-центри и луксузни вили. Ќе треба да се прават и водни пристапи за пловни објекти, така што е невоможно за четири години да се изгради еден таков голем комплекс, кој, ќе биде најубавиот во Европа, рече тогаш Бакрачески.

ljubanistaslimСамо еден месец подоцна, во јули 2013 година, Субрата Рој изјави дека не се откажува од Охрид и дека и покрај проблемите и сериозните финансиски обвинувања во Индија ќе ја посети Македонија и Охрид. За приказната да биде поуверлива, неговата компанија тогаш од охридската локална самоуправа побарала и дополнителни 17 хектари земјиште во Љубаништа, за да има доволно простор за луксузниот туристички комплекс кој сака да го гради.

subratauapsenЛуксузниот туристички комплекс во Љубаништа остана само желба и уште едно од неисполнетите ветувања, овој пат за монденски туристички центар со луксузни хотели, казина, спортски терени, пристаниште, објекти за забава и рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели и казино на вода на површина од 240 хектари.

За проектот на Рој што тој го планираше и го најави на најатрактивниот дел од Охридското Езеро, на најубавата плажа Љубаништа, со низа забелешки излегоа многу здруженија на граѓани, жителите на селото Љубаништа, невладини организации и експерти кои испратија предупредување дека ваквите градби ќе претставуваат вистинска еколошка катастрофа за Охридското Езеро и за Националниот парк „Галичица“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука