ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Легендите за охридската Крст Џамија

Охрид, 21. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Вештачки предизвиканите и комплетно непотребни тензии, креирани за да се фрли магла врз бројните проблеми, криминали и скандали во државата, а поврзани со 15-метарскиот крст на Попова Шапка, предизвикаа сериозна наелектризираност во македонското општество и одредени ликови видоа можност за сопствена промоција и јуначење. Сето ова јасно покажа дека раните се далеку од излечени и дека се’ уште е сосема малку потребно за да се предизвикаат тензии.

Во насока на потсетување дека на овие простори со векови се живеело заедно и кога било најубаво и кога било најтешко, пред три дена објавивме информација за легендите поврзани со охридската Крст џамија или Хаџи Дургут џамија, за која заедничко е дека за да опстои објектот, морало да се направи компромис меѓу двете големи религии. Информацијата, со сите домаќински и еснаф коментари кои знаат дека солзите на мајките се исти, на кој и јазик да се исплакани, но и оние кои мислат дека војната е видео игра и го прочитале само насловот се помеѓу најкоментираните деновиве на Facebook профилот на OhridPress.

Постарите жители се сеќаваат на кажувањата на нивните предци, дека христијанското население сакало на местото, кое уште од дамнина било „распаќе“ во Охрид, да подигне црква. Но Турците не дозволувале да биде така во периодот на нивната империја. Џамија направиле на тоа место, но при градењето, минарето секогаш паѓало. Некој стар жител им рекол се’ додека не стават крст на џамијата, нема да ја направат. Некои велат дека Турците го ваделе крстот и го фрлале во езерото, но следното утро тој повторно бил на старото место.

Според историските податоци, Хаџи-Дургут џамијата била изградена во 1466-та година, по желба на османлискиот аџија Дургут. Во стручната јавност не се правени посебни истражувања за тоа од каде потекнува името на џамијата. Има претпоставки дека пред да никне џамија, на ова место имало православна црква „Света Недела“.

Сите коментари на читателите на OhridPress ги имате на објавата, а ние ќе го објавиме само коментарот на почитуваната Гордана Мишева, која во неколку реченици кажа се’ што треба да биде кажано.

Зошто само се навредувате. Ако сте вистински верници, зошто се вреѓате. Ниедна вера не не учи да се караме, туку да се почитуваме. Јас со мојата пријателка од муслиманска вероисповед, сме се помолиле, заедно, секоја со својата молитва, оставивме паричка, и си седнанавме пријателски на кафе. Тука, во црквата и џамијата, има место за сите добронамерни верници! (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука