Избор Македонија Општина Вевчани ТОП ВЕСТИ

Оштетен муралот „Василичарска епопеја“ во центарот на Вевчани

Вевчани, 22. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Тешко им оди на сите власти наназад од оваа или претходната држава да го разберат сензибилитетот и табиетот на жителите на Вевчани.

Оваа „держава“ раѓа големи души, но слободни и посебни, кои тешко прифаќаат да им се сервира било што, без тоа да изнедри директно од самиот народ.

Само два дена по промоцијата на проектот во центарот на Вевчани, реализиран со поддршка од Министерството за култура, оштетен е муралот „Василичарска епопеја“ на академските сликари Ангелина Спировска и Владо Муковски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска преку социјалните мрежи остро го осуди чинот и го нарече „вандалски“.

– Остро го осудувам вандалскиот чин на оштетување на муралот „Василичарска епопеја“ во центарот на Вевчани, поддржан од Министерството за култура. Монументалното дело, прво во Вевчани е израз на почит кон вевчанската традиција, историја и култура и треба да се вреднува како општо национално добро.
Неприфаќањето на уметничкото облагородување на јавен простор, што ја засилува убавината на Вевчани, не користи никому, а уште помалку да е предмет на поделби од каков било вид. Ова вредно и оригинално уметничко дело беше промовирано пред два дена, и е приказ на целата церемонија и приказна на вевчанската вековна традиција. Очекувам осуда за ваквиот чин и од локалната власт и постапување на надлежните органи за откривање на сторителите кои го уништија делото, кое е активен придонес во збогатувањето на животот на Вевчани и на посетителите на општина Вевчани, порача Костадиновска Стојчевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука