Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Истражување: Сѐ уште постојат предрасуди, неопходно е запознавање со важноста на менталното здравје

Охрид, 22. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Неопходно е запознавање со важноста на менталното здравје, зголемување на информациите за стручните лица кои нудат услуги за заштита на менталното здравје и почитување на човековите права на сите.

Ова го покажуваат добиените резултати од проектот „И менталното здравје е важно!“, што Црвен крст Охрид го реализираше со поддршка од Општина Охрид во текот на годинава. При тоа се спроведе истражување за ставовите за заштита на менталното здравје на граѓаните на Општина Охрид.

Во истражувањето биле вклучени 144 испитаници, жители на Охрид, најголемиот дел на возраст од 31 до 40 години. Меѓу испитаниците има вработени и невработени, ученици, студенти и пензионери. Речиси изедначен е процентот на оние што имале или имаат и оние што негираат проблеми со менталното здравје.

– Најголем дел од испитаниците, 45,8%, одговориле дека имале или имаат проблеми со менталното здравје, додека 11,8% се изјасниле дека не знаат дали имаат или имале проблеми со менталното здравје. Останатите 42,4% негираат проблеми со менталното здравје. Најголем број од граѓаните на Охрид побарале стручна помош кај психијатар,37,5% и кај психолог 33,3%. Најголем дел испитаници се средно задоволни од достапната психолошка, психијатриска и психотерапевтска поддршка во Охрид, е наведено во извештајот.

Забележливо е дека сѐ уште постојат предрасуди и страв од осуда за посета на стручните служби за превенција на менталното здравје. Па така стравот од осуда од околината, немањето поддршка од фамилијата, но и немањето финансии се наведени меѓу главните причини поради кои граѓаните не побарале стручна помош за нивното ментално здравје.

– Граѓаните кои побарале помош за своето или менталното здравје на нивни блиски доживуваат дека се осудени или обележани од околината, исмејувани поради проблемот. И децата не се поштедени од исмејување од страна на другарите и соучениците поради проблеми кои постојат во нивните домови, стои во резултатите од истражувањето.

Испитаниците ја истакнале потребата за постоење психолошки советувалишта, интерактивни едукации, добивање психосоцијална поддршка и помош, СОС телефонска линија. Граѓаните се едногласни дека услугите за грижа за менталното здравје треба да бидат организирани на начин на кој ќе им бидат достапни на сите.

Во последните неколку години сѐ повеќе се зборува за менталното здравје и за грижата за истото, но релевантните истражувања и секојдневното искуство ни покажуваат и нѐ предупредуваат дека уште многу треба да се стори на ова поле. Сведоци сме на зголемен број лица кои имаат ментално-здравствени проблеми, без разлика на возраста. Доколку не се препознаат навремено и не се обезбеди релевантна стручна помош, овие проблеми и тоа како можат да го нарушат квалитетот на животот на луѓето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука