Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден за борба против Сида: Во Македонија со ХИВ/СИДА живеат 506 лица

Охрид, 1. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денес е 1. декември, денот кога ги одбележуваме солидарноста со луѓето што живеат со ХИВ и здружените напори на светот за ставање крај на оваа епидемија.

ХИВ-инфекцијата е една од сè уште активните пандемии, но светот бележи значителен напредок во намалувањето на бројот на нови инфекции и бројот на смртни случаи поради СИДА. Денес, со сигурност знаеме дека е возможно да се стави крај на епидемијата на овој вирус, а тоа е прифатено и како глобална политичка цел до 2030 година. Република Македонија, како и другите земји, има преземено меѓународни обврски да инвестира во справувањето со епидемијата на ХИВ, во согласност со Декларацијата за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите нации од 2021 година, како и Акциските планови на Светската здравствена организација за ставање крај на ХИВ, вирусните хепатити и сексуално преносливите инфекции до 2030 година.

Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) согласно постоечката евиденција на пријавени случаи заклучно со 31-ви октовмри 2023 година, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Македонија, за периодот 1987-2023 година, изнесува 631, а од нив, согласно податоците со кои располага ИЈЗ 125 лица починале, а 506 лица живеат со ХИВ/СИДА.

Во билтенот за заразни болести од 9 ноември годинава ИЈЗ објави дека во текот на месец октомври, пристигнати се пријави за четири новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА. Од анализата на пристигнатите пријави се забележува дека лицата се на возраст од 25-54 години, а три лица се од машки пол. Две од пријавените лица се регистрирани од Кочани, додека другите во останатите градови. Во однос на веројатниот ризик за стекнување на ХИВ инфекција, регистрирани се по две лица со хетеросексуална трансмисија и од МСМ популацијата.

Во текот на месец октомври, регистрирани се два смртни случаи од ХИВ/СИДА, еден смртен случај на лице пријавено во 2022 и еден смртен случај од новорегистрираните лица во месец октомври 2023. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука