Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бројчаникот на нула, автопатот далеку од завршување

Охрид, 2. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со доаѓањето на Новата година, на полноќ на 31. декември 2023 година истече и рокот кој претходно беше даден за комплетирање на автопатот Охрид-Кичево.

Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со изградбата на автопатот, од 1. ноември на OhridPrss беше поставен „Автопатски Бројчаник“, за сите да знаеме уште точно колку време остана до крајот на оваа година, кога според одговорните истекува рокот за изградба на овој патен правец. Времето на бројчаникот истече, а на лице место е повеќе од очигледно дека од свечената лента и чочеците не делат уште месеци, а можеби и години…

Како што ветивме, бројчаникот остана видлив до 31-ви декември за да не потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите за важноста на овој патен правец за Охридскиот регион, но и за тежината на јавно искажаниот збор.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука