Избор Култура Општина Вевчани ТОП ВЕСТИ

Новогодишен концерт „Фатил сокол еребица” на КУД ,,Дримкол” од Вевчани

Вевчани, 11. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во 19:00 часот во Милтикултурниот центар ,,Коста Србакоски” во Вевчани ќе се одржи премиерата на новогодишниот концерт насловен ,,Фатил Сокол еребица” на КУД ,,Дримкол” од Вевчани. 

Концертот синоќа ја имаше својата предпремиера на која присуствуваше многу бројна публика. Програмата ја сочинуваат роднокрајни народни песни обработени и под диригенство на учителот Аргил Мукоски од Вевчани, а во изведба на членови на првиот фолклорен ансамбал, на младинскиот ансамбал и на оркестарот на КУД ,,Дримкол”.

– Многу сум среќен што имам прилика да работам со вакви талентирани уметници какви што се членовите на Дримкол. Вечерашнава програма ја сочинуваат традиционални песни кои сум ги собирал за време на мојот работен век како учител по музичко образование. Помеѓу хорските изведби се ставени и три ороводни песни на кои девојките од младинскиот ансамбал играат со оригиналните чекори од терен кои ги поставивме заедно со мојата сопруга Звезда. Вечерашниов концерт го посветувам на 50 години активна работа на КУД ,,Дримкол” од Вевчани, истакна синоќа во обраќањето учителот Аргил Мукоски, наставник по музичко во пензија, основач и првиот раководител на КУД ,,Дримкол” од Вевчани.

Обработка и изведба на хорски вокални напеви за прв пат се поставуваат на репертоарот на „Дримкол“ со што ова друштво уште еднаш ја потврдува својата инвентивност, сериозност и професионалност при работењето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука