ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнува второто полугодие за основците и средношколците

Охрид, 22. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – По тринеделниот зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат во училишните клупи за да ја продолжат наставата од второто полугодие на 2023/2024 година.

Ќе имаат уште еден, пролетен одмор, од 29-ти април до 6-ти мај 2024 година,  а ново е и што учениците во основните училишта ќе учат до 17-ти јуни, за да се исполни утврдениот број работни денови (180) согласно календарот за организација на наставата. За средношколците учебната година ќе заврши на 10-ти наместо на 17-ти јуни.

Министерството за образование и наука (МОН) ја смени првичната одлука на барање на Средношколскиот сојуз заради подготовките за запишување во високото образование. Министерот Јетон Шаќири појасни дека Законот за средно образование дозволува да се постапи и да им се излезе во пресрет на засегнатите затоа што нема одредена законска обврска за точен број работни денови.

За основците, Владата дополнително ќе треба да одлучи како ќе бидат надоместени двете неработни среди кога ќе се одржуваат изборите (24-ти април и 8-ми мај) и дали учебната година во основните училишта ќе заврши два дена подоцна од 17-ти јуни.

– Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени за раелизација на календарот за работа на годишно ниво. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука, рече Шаќири.

Покрај пролетниот распуст за сите ученици и продолжената учебна година за основците, новина во второто полугодие ќе биде и постепената примена на нов електронски дневник. Како пилот-проект ќе се воведе во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава за да се отстранат евентуалните слабости пред да се употребува во сите училишта. (Крај)

извор: Тв Телма фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука