Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

OhridPress анализа: Изгласан законот за игри за среќа, дали и колку уплатно-исплатни места за игри на среќа ќе се дислоцираат во Охрид (Фото)

Охрид, 7. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Откако денеска пратениците во Собранието на Република Македонија го изгласаа законот за игри за среќа, казина и обложувалници на повеќе од 500 метри од училиштата, со помош на дигиталните алатки на Google, екипата на OhridPress направи анализа околу евентуалните дислокации на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игри на среќа во Охрид.

Со оглед на фактот што станува збор за релативно мал град, основната анализа покажува дека бројни вакви објекти ќе мора да се дислоцираат, особено оние во центарот на градот. Станува збор за над 20 поголеми и помали локации, кои особено гравитираат на улиците „Македонски просветители“, „Партизанска“, булевар „Туристичка“ и целиот потег околу Градскиот пазар и поширокиот дел на централното градско подрачје. Не помал дел ги има и во останатите делови на градот, а доколку се преклопат круговите од графичката анализа подолу, скоро и да нема дел од центарот на градот кој не е покриен од „заштитениот“ радиус од некое училиште.

Охриѓани веќе подолг период наназад реагираат на оваа тема по повеќе основи. Дел се за комплетно дислоцирање на ваквите објекти од градовите, а дел реагираат на растојанието од само 500 метри од училиштата, што реално ја прави мерката несериозна. Дел од нив, на шега предлагаат дека сега е подобро да ги преместиме училиштата, затоа што оваа мерка нема да смени ништо.

Погледнете како изгледаат поединечно и детално мапите со круг во радиус од 500 метри околу најголемиот дел од основните и средните училишта во Охрид.

околу СОСУ „Св. Кирил и Методиј“

околу ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

околу ООУ „Братство Единство“ Лескајца

околу ООУ „Братство Единство“ улица „7-ми Ноември“

околу ООУ „Григор Прличев“ и гимназија ОСУ „Св. Климент Охридски“

околу ООУ „Христо Узунов“

околу ООУ „Кочо Рацин“

околу ООУ „Св. Климент Охридски“

околу РЦСОО „Ванчо Питошески“

Со 55 гласови „за“, Собранието на Република Македонија попладнево ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Владата со европско знаменце. Измените, меѓу другото, предвидуваат објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта. Законот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце. Против носењето на овој закон во дискусијата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа тој да биде повлечен, но потоа не гласаа „против“.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) претходно организираа протест пред законодавниот дом изразувајќи го револтот предлог-законот. Оттаму, тие побараа претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за стапување во сила на законот, велејќи дека со измените ќе се затвори гранка во која има илјадници вработени, а кои со измените на законот ќе останат без работа, со што идиректно ќе се загрози егзистенцијата на 50.000 граѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука