Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Успешен старт на сезоната за охридските стрелци на Меѓународен натпревар во Софија

Охрид, 9. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започнаа натпреварите во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма.

Охридските стрелци својот прв настап го имаа на меѓународниот New Olimpic hopes & Grand Prix натпревар што се одржа во спортската сала WINBET во Софија, Бугарија

Успешен старт за Кристијан Балоски од СК „Охрид” кој во конкуренција на најдобрите репрезентативци и европски шампиони, успеа во квалификациите да се пласира на петтата позиција со резултат од 596,0 кругови, со што си обезбеди влез во финалето каде се натпреваруваат најдобрите осум.

– Своите најдобри перформанси ги покажа во финалето каде се пукаат само 24 дијаболи за нагреден фонд од 5000 евра за двете дисциплини. Во драматичен меч, рамо до рамо со Ризов и Канев, носители на повеќе европски и светски титули, успеа да се искачи на пиедесталот на третата позиција, со резултат од 221,4. кругови. Воедно и во јуниорска категорија натпреварот го заврши како третопласиран, информираат од клубот.

Кај девојките на пиштол најдобро пласирана беше Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос” која со резултат од 538 кругови се пласира на 5-та позиција. Во истата категорија Стефанија Велјаноска од СК „Охрид” се пласира на 8-та позиција (528), додека Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос” (522) се пласира на 11-та позиција во јуниорска категорија. Иван Милевски во дисциплината пиштол-јуниори, се пласира на 10-та позиција, со резултат од 525 кругови.

Успешен настап и за Бора Каќел од ЖСК „Лихнидос” во дисциплината воздушна пушка, кој со резултат од 551,6 кругови се пласира на 7-та позиција во јуниорска категорија. Кај јуниорките на пушка Теодора Спироска од СК „Охрид” се пласира на 21ата позиција со резултат од 563,5 кругови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука