Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

14 години OhridPress

Охрид, 17. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Заедно сме полни 14 години, или 168 месеци, или 5.113 дена, или 122.712 часа… Ова се бројките, а бројките се немилосрдни.

Бројките велат дека над 15 илјади читатели секојдневно се со нас, читаат, коментираат, критикуваат, посочуваат. Само изминатите 28 дена, вестите стигнале до близу 600.000 луѓе само на Facebook, од кои близу 500 илјади реагирале на нив со коментари, споделувања или лајкови.

OhridPress го прифатија како свој, како начин и алатка да го изразат мислењето, ставовите, очекувањата од оние кои заедно ги плаќаме и кои се одговорни пред нас. Низ годините медиумот помина низ повеќе технички редизајни и подобрувања, помина добри, но и тешки периоди, но секогаш се држевме до нашиот слоган „Брзо, точно, проверено – Се` за Охрид“. Ги признававме нашите грешки и не ги повторувавме. Учевме заедно, со огромна желба да се оди напред, да се следат сите технички и технолошки новитети.

И затоа, полни 14 лета подоцна порачуваме: Споредете не со другите, одберете сами…

Зад нас се полни 14. години исполнети со огромен број објавени информации, забава, награди, дружење, спојување на светови кои се навидум сосема различни. Ви ги носевме најновите вести од Охрид, спортот, забавата, им дававме можност да се искажат во колумни луѓе кои имаат што да кажат, конструктивно ги критикувавме првите, но редовно кога беа најсилни, никогаш кога беа „мртви Германци“, интервјуиравме и промовиравме интересни луѓе – музичари, спортисти, млади кои се истакнале во било која област, ги баравме талентите во OhridSUPERSTAR, ѕирнувавме во ноќниот живот во Охрид, секојдневно го сликаме најубавиот град на светот во „Охрид најубав“, но и посочувавме на „делата“ на неодговорните поединци во „Срамизам“, ги раскажувавме најубавите приказни и ги споделувавме старите фотографии од градот во „Охрид некогаш“ и „Муабети од Охрид и околината“, доделивме илјадници награди, предизвикавме многу насмевки, Ви го подаривме проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ кој постави нови стандарди во забавата, но и во PR-от на овие простори, но и многу пошироко, го сликавме нашиот „Охрид во 10“ од една точка цела година со целата негова убавина и големина, го сликаме и снимаме и во „Охрид е СУПЕР“, Ве повикавме да ја прогласиме заедно омилената дупка по охридските улици во рамките на „Твојата дупка звучи познато“, но и најоштетениот лежечки полицаец во Охрид, ги слушавме Вашите „Омилени три песни“, заедно го пополнувавме времето во #SediSiDoma за време на мерките за надминување на Корона пандемијата, Ве забавувавме со „вестите“ на охридската „легенда“ Керим, ја инициравме акцијата „Помалку автомобили, помалку гужва“ со која ги повикавме охриѓани колку што е можно помалку да ги користат автомобилите во центарот на градот во текот на летото, подарувавме комплетни рекламни пакети за компаниите на кои тоа им е најпотребно, пред тоа да биде IN и fancy, заедно со над 1.200 наши сограѓани ја подигнувавме свеста за екологијата и чистата животна средина во „Мој Охрид, чист Охрид“, споделуваме фотографии од најталентираните охридски фотографи во „Фото на денот“, најубавите животни и мотивирачки приказни во „Живот“, ги креиравме и создадовме најубавите „Охридски приказни“, ги споделуваме вашите најлуцидни коментари на социјалните мрежи во „Коментар на денот“, го поставивме Бројчаникот на UNESCO и на одговорните за автопатот Охрид-Кичево за УМ на оние на кои им е тоа работа, и понатаму силно ги поддржувавме најмладите и образованието за кои имаме и посебна рубрика за образование, помагавме да се соберат средства секаде каде тоа беше потребно за некои мали ангели…

Има уште многу вакви акции ако се навраќаме наназад, но за нас, она што е поважно е она пред нас.

Чекориме заедно понатаму. OhridPress е сериозен информативен портал, кој е комплетно прилагоден на новото време, новите можности, технологии и побарувања на модерниот читател. Секојдневно испраќаме проверени информации, пред се` од Охрид и Струга, но и од целата држава. Вниманието останува на локалната заедница и проблемите со кои таа се соочува, но и интересни проекти, интевјуа, репортажи и уреднички коментари и осврти на подобрување на животот во Охрид. Остануваме вистински глас на заедницата и сериозен информатор за случувањата во градот. Бројките велат дека довербата е на сериозно ниво со над 15 илјади уникатни дневни посети и над 21.000 редовни читатели кои секојдневно ги следат новитетите од Охрид само на основниот Facebook профил, сите уникатни, без купени кликови и лажни вести…

Информативниот портал OhridPress е дел од регистарот на македонските професионални online медиуми на СЕММ и ЗНМ.

Продолжуваме „Брзо, точно, проверено, Се` за Охрид“.

Секогаш свои, секогаш Ваши.

Ваш OhridPress…

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука