Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Рустеми: Изградбата на автопатот Кичево-Охрид е лош проект, но враќање назад нема

Скопје/Охрид, 18. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ова е типичен пример како не треба да се влезе во реализација на еден проект, кој е лош. Назад нема, напред не се знае крајот за изградба на автопатот Кичево-Охрид.

Ова е ставот на директорот на државни патишта Ејуп Рустеми даден во интервју за Радио Слободна Европа, а во врска со иднината на деценискиот проект за изградба на автопатот Кичево-Охрид.

– Ги разгледувавме сите можности, но кога ќе дојдеш на 80% реализација на проект, веќе не можеш да се вратиш назад. Веќе сега треба да гледаме како да го завршиме овој проект. Сега на пример имаме 13 нови свлечишта. И кога имаш толку свлечишта на оние места каде беа и по два пати проектирани и два пати изградени, и по трет пат ти се појавуваат уште 13 нови свлечишта, јас како директор ЈПДП имам и правна одговорност. За тоа ќе ангажираме сега надворешен експерт кој ќе треба да најде техничко решение за целосно стабилизирање на тие косини, бидејќи ние кога ќе пуштиме еден пат за сообраќај тој треба да е максимално безбеден. Кога зборуваме за реализација, јас реков дека ова е типичен пример како не треба да влезеш да реализираш еден лош проект. Сега кога зборуваме дека сме на власт, јас морам да зборувам за позицијата која ја имам тука а таа започна од 2020 година. Јас бев и пратеник во Собранието, ама кога си пратеник не ги имаш пред себе сите овие детали кои ги има еден директор на ЈПДП, вели Рустеми.

Во врска со иднината на автопатот Кичево-Охрид, Рустеми со став дека не може да се каже дека ништо не преземале.

– Ние ги преземаме сите можни мерки за што побргу да се санира тој проект. За тоа ви реков дека ова не го кажувам јас како директор на ЈПДП, туку тоа го кажуваат експертите и го кажува Државниот завод за ревизија, дека кога имаш таков лош проект и кога влегуваш на таква реализација, не можеме да се повлечеме туку мора да го завршиме. И уште една новина да ви кажам за овој проект, сега е проектиран за брзина на возење со 100 км/час, потенцира Рустеми. (Крај)

извор: Радио Слободна Европа фото/видео: Радио Слободна Европа

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука