Струга, 27. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Единствениот кандидат за претседател на Република Македонија од регионов, вевчанецот Господин Попоски, заклучно со синоќа до 20:00 часот, собра 19 потписи.
Попоски започна да собира потписи за кандидатура и неодамна во изјава за Супер радио и OhridPress изнесе дел и од неговите ставови и зошто се одлучил за ваков чекор.
– Се залагам за името, за студентите, за земјоделците и за пензионерите, изјави кратко 48-годишниот вевчанец кој работи како градежен работник и земјоделец.
Тој ги повикува сите да го дадат својот потпис за него во подрачното одделение на ДИК во Струга.
Во исто време на територијата на Република Македонија се собрани вкупно 39.078 потписи. Најмногу потписи собра кандидатот на ДУИ, Бујар Османи (10.528 потписи), по кого следува Максим Димитриевски од ЗНАМ со 8.400, Арбен Таравари 7.513, кандидатката на Левица Билјана Ванковска- Цветковска има 6.237, Стевчо Јакимовски од ГРОМ 4.718, Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) 696, независниот кандидат, д-р Вело Марковски 682, Ѓорѓи Манасков 186, Зорица Цветковска 99, Господин Попоски 19 и без потписи е Томе Николоски.
Од Подрачното одделение на ДИК во Охрид денеска за Супер радио и OhridPres информираа дека досега се собрани околу 600 потписи за десет кандидати.
Граѓаните поддршката на кандидатите можат да ја дадат во Подрачната единица на ДИК, што се наоѓа во просториите на Општина Охрид. Својот потпис можат да го дадат граѓаните од општините Охрид и Дебрца.
Потписи ќе се собираат заклучно со 8-ми март 2024 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес