ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ Хроника

Да не се повтори: На денешен ден во 1993 година се урна авионот „Фокер 100“ на „Палер Македонија“ (Видео)

Скопје, 5. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, 5-ти март 1993 година, во 11:12 часот, веднаш по полетувањето од аеродромот во Скопје, се урна патнички авион „Фокер 100“ на компанијата „Палер Македонија“ со 97 патници.

Во несреќата загинаа 86 лица, додека 14 преживеале. Во анализите за несреќата е запишано дека причина за падот на „Фокерот“ е тоа што крилјата на авионот не биле размрзнати, што довело до негов дефект и паѓање.

– Имав голема среќа што бев во опашката на авионот каде што ударот беше најслаб. Уште додека се залетуваше авионот почувствував дека нешто не е во ред. Силно вибрираше и само што се погидна, започна да паѓа. Тогаш имав само 22 години и помислив – зарем сега ми завршува животот, изјави тогаш за медиумите Зоран Ацковски, единствениот член на екипажот кој ја преживеа несреќата.

 

1993-та година ќе биде со црни букви запишана во историјата на македонското цивилно воздухопловство.

Во ноември, патнички авион од типот „Јак-42 Д“ на „Авиоимпекс“ се урна на околу 4 километри североисточно од охридскиот аеродром, во момент додека леталото беше во процедура на слетување. Официјалната верзија беше дека до незгодата дошло поради „грешка на пилотите“, кога во еден момент ја загубиле контролата над леталото и удриле во планината, при што загинаа 116 луѓе. Авионот леташе на рута од Женева до Скопје, каде што требаше да слета. Меѓутоа, поради лошите временски услови, беше пренасочен кон охридскиот аеродром на принудно слетување. Се урна во месноста „Тројане“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Aviation Accidents

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука