ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Синдикати на пет јавни универзитети ја демантираат изјавата на техничкиот премиер Џафери дека се доцнело со поднесување на документацијата

Скопје/Охрид, 7. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Синдикати на пет јавни универзитети ја демантираат изјавата на техничкиот премиер Талат Џафери во врска со непотпишувањето на колективните договори на пет јавни универзитети.

Синдикатите на вработените на петте јавни универзитети, Универзитетт „Св. Климент Охридски“ Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ Скопје, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид одговорно тврди дека целокупната документација за потпишување на Колективните договори уредно е доставена до претседателот на Собранието на Република Македонија, основач на Универзитетот во периодот од Мај 2023 година до Декември 2023, соодветно од страна на сите универзитети поединечно.

Во однос на хронологијата, односно развојот на настаните околу (не)потпишувањето на колективните договори, ве потсетуваме и дека во почетокот на Декември мнозинството од овие пет јавни универзитети испратија предупредувачки писма до претседателот на Собранието на Република Македонија за потпишување на колективните договори. Значи, ги опоменавме дека веќе истекува моментот за потпишување на колективен договор. Во текот на месец февруари, оваа година, беше ставен во оперативна употреба Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје и беа исплатени платите по новиот Колективен договор. Веднаш потоа сите пет синдикални организации на јавните универзитети испративме барање за итен прием кај претседателот на Собранието. На 15.02.2024 година бевме примени од претседателот на Собранието, на средбата беше укажано дека ги имаме доставено сите документи и, дека, ако постоел проблем со документацијата, требало да се информира секоја синдикална организација. Во меѓувреме беше побаран и прием кај техничкиот премиер на РМ, којшто требаше да се одржи на 02.03.2024 година, но истиот не се реализираше. Поради тоа на 04.03.2024 година се одржаа мирни протести, со дигнитет и достоинство…Ние не се занимаваме со политика!“

Колективен договор за петте државни универзитети по изборите, бидејќи кратко било времето за почнување на постапката, а за 14 дена ни марсовец не би потпишал соодветни акти за решение на проблемот, порача претходно техничкиот премиер Талат Џафери, кој додаде дека голем дел од универзитетите доцнеле со поднесување на документацијата.

Доколку не бидат исполнети барањата на петте универзитети, нивните синдикати најавија дека идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство, а не е исклучено и засилување на протестите.

Инаку, од претходно, почна да се применува колективниот договор на УКИМ, со кој околу 300 вработени во оваа образовна установа веќе од февруари ќе земаат за 22 отсто повисока плата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука