ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Стевчо Јакимовски и Катица Јанева на црната листа за корупција на САД

Скопје, 18. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Американскиот Стејт Департмент денеска ги стави на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

Од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции, јави Канал 5.

– Како поранешен шеф на специјалното обвинителство, Јанева беше вклучена во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Има кредибилни информации дека Јанева барала и примила мито за да влијае на обвиненија под нејзина надлежност, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

За Јакимовски се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

Освен, Јакимовски и Јанева, Стејт Департментот ги стави на црна листа и двајцата возрасни синови на Јакимовски и синот и сопругот на Јанева. На сите нив им е забранет влез во САД.

На црната листа лани на 5 декември САД го ставија и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, а од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко. (Крај)

извор: Канал 5 фото: Канал 5

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука