Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Oхридските стрелци Ива Маленко, Стефани Савеска и Климент Мостро нови државни прваци

Охрид, 20. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Изминатиот викенд на стрелиштето во битолската касарна се одржа Државното првенство во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма, на кое учество земаа околу 80-тина стрелци во јуниорска и сениорска категорија во дисциплините пушка и пиштол.

Со нов личен рекорд од 602,0 кругови, Ива Маленко од СК „Охрид“ е новиот државен првак во сениорска категорија во дисциплината воздушна пушка.

Во истата дисциплина во јуниорска категорија Драгана Локоска и Теодора Спироска се пласираа на 10-та, односно 11-та позиција, додека Стефанија Стефанoска се пласира на 15-та позиција. Во екипен пласман пак, тие се пласираа на 3-та позиција со резултат од 1596.8 круга.

Кај јуниорите со нов личен рекорд од 603,7 кругови на вицешампионската позиција се пласира Кристијан Балоски од СК „Охрид“, додека Бора Каќел од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 10-та позиција со резултат од 568.9 кругови.

Кај јуниорите на пиштол нов државен првак е Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 539 кругови. На третата позиција во истата дисциплина се пласира Иван Милевски од СК „Охрид“ со резултат од 529 кругови. Ѕвездан Јанески и Никола Тодороски се пласираа на 6-та односно 7-та позиција.

Кај сениорите на пиштол, Ванчо Каранфилов од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на вицешампионската позиција со резултат од 537 кругови, пред неговиот клупски другар Даниел Михајловиќ кој заостана зад него за два круга. Значителен пад во спортската форма имаше Велибор Балоски, кој со резултат од 503 круга падна на 11-та позиција.

Новиот државен првак во категорија јуниорки пиштол е Стефани Савеска со 540 круга. Нејзината клупска другарка, Наталија Савеска е 4-то пласирана со резултат од 529 кругови, додека пак Стефанија Велјаноска од СК „Охрид“ се пласира на 5-та позиција со резултат од 513 круга. Верица Божиноска и Елена Јанеска се пласираа на 7-та односно 9-та позиција.

Веќе од следната недела започнуваат подготовките за 6-то априлскиот меѓународен натпревар во Сараево, но и подготовки за наредниот Куп на МССФ што треба да се одржи кон средината на следниот месец на стрелиштето Бејбунар во Охрид. Истовремено, ќе се одвиваат и подготовките на репрезентативците со двајца еминентни тренери на пушка и пиштол од Република Србија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука