Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Свети Теофилакт, епископ Никомидиски

Охрид, 21. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат празникот посветен на Свети Теофилакт, епископ Никомидиски.

Кога првиот царски советник, Тарасиј, од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на свети Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова.

Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Светиот Теофилакт во лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“.

За овие зборови свети Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања. Најпосле Му ја предаде својата света душа на Господа, околу 845 година.

Тропар

Велик сад на благодатта, мудроста во тебе допре длабочина, Софроние оче наш преподобен, дар на солзи, дар на исцеленија, за душите гладни – мудрост која заситува и н? води во светлината на идната татковина. Моли се, целомудрена пофалбо, за оние кои Го бараат Патот, Вистината и Животот. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука