Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Поранешниот директор на ЈП „Градски гробишта“ Ванчо Костоски со реакција на обвинувањата за злоупотреба на службената положба и овластување

Охрид, 21. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со реакција на изнесеното на вчерашната прес конференција на потпретседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Александар Китески, а во врска со поднесената кривична пријава, денеска се јави и поранешниот директор на ЈП „Градски гробишта“ од Охрид Ванчо Костоски.

Костоски во реакцијата потенцира дека ЈП „Градски Гробишта“ е Јавно претпријатие кое стопанисува со Градските гробишта во Oхрид, а покрај другите приходи кое ги има ова јавно претпријатие едни од најважните по сума се следните: приходи од продажба на гробни места, приходи од годишна гробарина и приходи од надворешни услуги (работа за општина).

– Во секој случај кој сака да добро менаџира со ова јавно претпријатие мора да обрати внимание на овие ставки. Во посочениот случај точно е дека се продадени гробни места по цени согласност ценовникот на Јавното претпријатие (а незнам како поинаку) на правен субјект и истите се платени до денар и средствата се легнати на сметка на ова претпријатие и истото има корист од таа продажба, а гробните места после продажба се сопственост на купувачот и тој располага со нив. Иако во минатото се имам произнесено за работата на ова претпријатие, би сакал уште еднаш на кратко да објаснам. Средствата од горе наведените ставки се употртебени за следново: враќање на долгот на ова претпријатие кое го затекнав во износ од некаде 7.500.000 денари, прво јавно претпријатие кое ја одблокира својата сметка и работше 4 години со добивка, зголемување на платите на вработените како резултат на продуктивно работење во висина од 35% кај администрација и околу 65% кај работниците без денар субвенции од Општина и најважно без гледање на партиска припадност што денес е незамисливо, изградба на фотоволтаична централа која работи со профит и веќе за 2 години е исплатена сама по себе (само од продажба на електрична енергија има профит од 5.000 евра за 2 години), прв пат намалување на цена за користење на комора од 60 на 45 денари како резултат на заштеда на електрична енергија за разлика од денес кога сите цени се зголемени во висина од некаде 65%, изградба на систем за греење на пелети со што се заштеди во трошоци за греење, набавка на транспортно возило „Форд“ (без пари), набавка на транспортно возило комби oд Aгенција за запленет имот (донација), отстранување на земја и шут околу 4.000 км3 со спонзорства (заштеда околу 15.000 евра), најниски цени на тендери во историјата на ова Јавно претпријатие (заштеда околу 70.000 евра за 4 години), потенцира Костоски.

Тој додава дека во ноември 2021 година, кога си заминал од ова Јавно претпријатие, на жиро сметката оставил скоро 1.000.000 денари, а побарувањата кон локалната самоуправа биле околу 2.300.000 денари, или се’ заедно околу 3.300.000 денари, односно околу 2 плати.

– Ова се постигнува само со посветена и чесна работа и никако поинаку. По однос на посочениот член кој беше наведен, можам само да кажам дека и години пред мене, и во периодот кога јас бев на чело на ова Јавно претпријатие, а и периодот после мене, се продаваа гробни места без притоа да има смртен случај. Последната таква продажба беше во текот на вчерашниот ден, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука