Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Свети Кодрат Коринтск и други маченици

Охрид, 23. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Светата Православна црква денеска го празнува споменот на Свети Кодрат Коринтск и други маченици.

За време на гонењето на христијаните многумина верни се разбегаа по планините и по пештерите. Така направи и мајката на овој Кодрат. Но, токму во тоа време беше бремена, па во шумата го роди Кодрат и наскоро умре. По Божја Промисла, пазен од ангелот чувар, хранет и воден, Кодрат порасна во осаменост во дивината. Оној Кој му даваше манна од небото на Израилот во пустината, му пушташе и на младенецот Кодрат слатка роса од облаците на усните. Кога имаше дванаесет години тој слезе в град и таму едни добри луѓе го засакаа и го дадоа да учи. Тој ја изучи лекарската вештина и ги лечеше болните со природните лекови, но и уште повеќе, со молитвата на која се привикна од детството. Кога настана ново гонење под Декиј, Кодрат беше изведен на суд и фрлен во затвор. Нему му се придружија и петмина негови другари и го исповедаа името Христово. Тие беа Кипријан, Дионисиј, Анект, Павел и Крискент.

Ги влечеа по улиците и незнабожците, особено нивните деца, ги биеја со стапови и камења дури не ги одвлекоа до губилиштето. Мачениците Му се помолија на Бога, па беа обезглавени. На тоа место изби извор со вода, којшто и денес го носи името Кодратов и потсетува на херојската смрт за Христа на овие шесточисленици. Пострадаа чесно за вистината во 250 година, во Коринт, во времето на царот Декиј и неговиот намесник Јасон.

Потоа, на различни начини беа погубени и други христијани: другиот Дионисиј беше заклан со нож; Виктор, Викторин и Никифор (откако Тертиј стана наследник на Јасона) беа раздробени во камен толчник; Клавдиј сконча откако му беа отсечени рацете и нозете; Диодор самиот се фрли во оганот запален за да го изгорат; Серапион беше обезглавен, а Папиј беше фрлен во море.

Тропар

О Кодрате свет оче наш, подигнат во пустината од Оној Кој го знае почетокот и крајот на животот, умудрен да станеш пастир на многумина, ги научи на тебе доверените да добијат чест за верата и слава за мачеништвото, моли се Божји помазанику, Христос за нас да покаже милост голема, и да ги спаси нашите души по твоите свети молитви. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука