Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Влада на РМ: Изведувачот има рок до 31-ви декември 2026 година да го заврши автопатот Кичево-Охрид

Скопје/Охрид, 26. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија, на денешната 12-та седница, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информација за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патните делници Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.

Заради склучување Анекс бр. 6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево-Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето.

Со утврдените законски дополнувања, 31-ви декември 2026 година се предвидува како краен рок до кога Изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид неодамна се најде највисоко на листата „матни“ настани за месец февруари на Барометарот на корупција на Транспаренси Интернешнл – Македонија.

– Автопатот Кичево-Охрид е најголема инфраструктурна инвестиција со „децениска“ изградба. И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево-Охрид не е изградена. Недостатоци за проектната документација, нерешените експроприации на земјиштето како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва, стои во извештајот на ДЗР.

На почетокот на активностите за изградба на автопатот во 2014 година беше посочено дека станува збор за највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија, како и дека изградените автопати во државата во изминатите 50 години, чинеле помалку од инвестицијата во автопатот Кичево-Охрид. Средствата беа обезбедени со кредит од кинеската Ексим банка.

Според проектот, автопатот почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Од тука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата, според првичниот проект требаше да има шест натпатници и 13 потпатници, како и тунелот „Пресека“ со две цевки. Градежните работи првично требаше да завршат за четири години, но ни по десет не е извесно кога и дали ќе биде пуштен во сообраќај. Последниот анекс за продолжување на рокот на изградбата на овој автопат беше усвоен во август 2021 година, кога владата и Собранието на оваа компанија им дадоа дополнителни месеци за неговото завршување. Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука