Забава Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Дамјан Пејчиновски ќе одржи мастерклас и два концерти во Toulouse Lautrec Venue во Лондон

Охрид, 30. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Врвниот македонски и охридски гитарист со светска слава Дамјан Пејчиновски на 19-ти април ќе одржи мастерклас и ќе има два настапи во Toulouse Lautrec Venue во Лондон.

– Големо задоволство за мене е што ќе свирам во Лондон со мојот драг пријател и светски познатиот џипси-џез гитарист Filippo Dall’Asta, кој свирел во престижни места како Royal Albert Hall со уметници како Stochello Rosenberg, Mozes Rosenberg, Lolo Meier  и  многу други. Многу сум возбуден, напиша Дамјан на неговиoт профил на Facebook.

– Со нетрпение го очекувам мојот претстоен концерт и мастерклас со гитарската ѕвезда Дамјан Пејчиноски, македонски гитарист кој е познат по своето виртуозно свирење и разноврсен музички стил и по милионските прегледи на YouTube. Со години сум следбеник на Дамјан и возбуден сум што конечно ќе ја споделам сцената со него, порача во објавата за промоција на настанот Filippo Dall’Asta.

Дамјан Печиновски важи за еден од најдобрите гитаристи на домашната сцена. Неговото богато музичко искуство напишано со многу странски настапи е верен доказ дека Македонија има сериозни музички таленти кои што можат да се носат рамо до рамо со светските големи имиња. На сцената секогаш плени со својата самодоверба, зрелост и неверојатен слух и техника за гитара.

Со гитарата другарува од својата шеста година, но вистинскиот интерес се пројавил во тинејџерските денови. Има членувано во составите „Ворнинг“, „Абракадабра“ и „Џамп старт“. Во 2002 година на реномираниот фестивал „Рок-фест“ беше прогласен за најдобар гитарист, а наградата – гитара „Јамаха“ лично му ja додели маестро Влатко Стефановски. Во декември 2016 година, Пејчиноски ја доби титулата Доцент на Музичката Академија во Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: FB Damjan Pejcinoski

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука