ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридскиот меѓу судовите каде се чека најдолго за решавање на предметите, во просек по 146,54 дена

Охрид, 31. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот меѓу судовите во Република Македонуија каде се чека најдолго за решавање на предметите, во просек по 146,54 дена. Во просек за решавање на предметите на државно ниво, граѓаните чекале од 20 до 200 дена.

Основните судови низ земјава минатата година од примени вкупно 578.577 предмети, решиле 96,5 проценти или 558.336 предмети, со просечно време на решавање на предметите од 74,8 дена. На почетокот на годината имале 93 072 нерешени предмети од претходниот период, додека на крајот од годината го зголемиле тој број за дваесет илјади на 113.313. Кај второстепените пак, ажурноста била речиси двојно полоша, односно просечното време за решавање на предметите на апелационите судови низ земјава по предмет бил 146,79 дена или нешто помалку од пет месеци. Бројот на нерешени предмети го зголемиле за две илјади од 9.225 на почетокот на годината, на 11.264 нерешени предмети на крајот од годината.

Минатата година во земјава имало вкупно 391 судии. Тоа значи по 21 судија на 100 илјади жители, што е во рамки на европскиот просек. Но, бројот на судии во земјава од година, во година постојано се намалува, па така, од 493 во 2020 година, е намален на 473 во 2021, па на 449 судии во 2022 година.

Скопското апелационо подрачје има стапка на решени предмети од 94,84 проценти и просечно време за решавање на предметите од 79,48 дена. Штипското апелационо подрачје има стапка на решени предмети од 98,95 проценти и просечно време на решавање на предметите од 63,77 дена. Во просек најмногу време за решавање на предметите му биле потребни на Управен суд – 206,76 дена.

Од Основните судови, најмногу време за решавање на предметите им требале на ОС Прилеп – 205,73 дена, Основниот граѓански суд Скопје – 161,25 дена и Основниот суд во Охрид – 146,54 дена. Повеќе од три месеци за решавање на предметите им биле потребни и на ОС Струга – 142,22 дена, ОС Крушево – 115,93 дена, ОС Крива Паланка – 107,51 дена, ОС Радовиш – 102,41 дена и ОС Делчево – 102,15 дена. Тука, треба да се нагласи дека основните судови во Прилеп и Струга работеле само со една петтина од потребниот број на судии.

Најажурни биле Основниот суд во Дебар и Основениот суд во Гевгелија каде во просек за решавање на предметите им требало по 13 дена. Помалку од месец за решавање на предметите им требало и на Основниот суд Виница – 21,04 дена, ОС Кавадарци – 21,08 дена, Основниот суд Тетово – 22,97 дена и Основниот суд Кратово – 27,37 дена. Интересно е дека во сите овие судии работеле со над 60 проценти пополнетост, освен основните судови во Кратово и Виница кои работеле со една третина од потребните судии.

За судскиот систем одвојуваме 19 евра по глава на жител – четири пати под европскиот просек

Според податоците на Евростат во просек, во периодот 2019-21 година во Европа имало по 18 професионални судии на 100 илјади жители, од кои процентуално 58,5 биле жени.

Сепак, податоците покажуваат големи разлики меѓу земјите. Така, најголем број на професионални судии на 100 илјади жители има Словенија (42,3), потоа следат Хрватска (41,6), Луксембург и Романија (по 35,7), додека дури шест земји членки на ЕУ имале под десет професионални судии на 100 илјади жители – Малта, Шведска, Чешка, Шпанија, Австрија и Ирска. Последниот достапен извештај на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) за судските системи од 2022, со податоци од 2020 година покажува дека земјава е далеку под европскиот просек според буџетот што го одвојува за судскиот систем – 19,27 евра по глава на жител, наспроти 78,09 евра по жител на ниво на Европа. Но, во однос на процентот на БДП што се одвојува на судскиот систем со 0,37 проценти од БДП е малку над европскиот просек од 0,35 проценти од БДП-то.

Годинава треба да се пензионираат 18 судии, а да завршат обука 55 кандидати

Според анализата на Комисијата при Судскиот совет за утврдување на бројот на слободни судиски места на X-та генерација на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители треба да изнесува 162. Во Основните судови за навремено и ажурно постапување по предметите бројот на потребни судии изнесува 434, додека моменталната пополнетост е 272 места. Во 2024 година ќе се пензионираат 11 судии, во 2025 – 15, а во 2026 – 14 судии.

До крајот на 2026 година произлегува дека во Основните судови очекувано е да постапуваат 232 судии, во апелационите судови – 54, а во Врховниот – седум судии, ако се одземат само пензионирањата. Осмата генерација на кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители се очекува да ја заврши обуката на крајот на 2024 година и брои 55 кандидати. За деветтата генерација Академијата запишува 100 кандидати за обука за судии. Потребниот број на кандидати кои треба да се запишат во десеттата генерација е 162, согласно оваа математика на прилив и одлив. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука