Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Коцев: Охрид ќе се збратими со Варна, ова е можност за зближување на двете земји

Охрид, 3. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Варна, Бугарија, Благомир Коцев, откри дека бугарскиот приморски град со кој раководи е пред збратимување со Охрид.

– Имаме барање за збратимување со градот Охрид. Ова е исклучителна можност за зближување не само меѓу Варна и овој град, туку и меѓу двете земји, изјави Коцев на Регионалната конференција „Европа на Балканот: Заедничка иднина“, што Бугарската телеграфска агенција ја организираше во Варна со поддршка на Европската комисија, пренесе порталот expres.mk.

Првиот човек на Варна додаде дека соработка како онаа со Охрид, која верува дека ќе се случи, ќе им даде можност да покажат како европските фондови можат да бидат корисни за развојот на регионите.

Петнаесет градови и општини од странство досега се збратимени со македонскиот Ерусалим, и тоа Винковци, Трогир и Општина Видовец од Хрватска, Крагуевац и Инѓија од Србија, Мостар и Стари Град, Сараево од Босна и Херцеговина, Јалова и Сафранболу од Турција, Пиран од Словенија, Волонгонг од Австралија, Виндзор од Канада, Будва од Црна Гора, Поградец од Албанија и Огроџењец од Полска. (Крај)

извор: expres.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука