Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Средства за автопатот Кичево-Охрид има, важно е побрзо да се направат техничките решенија за свлечиштата

Штип/Охрид, 5. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Средства има, важно е побрзо да се направат техничките решенија за свлечиштата што се појавија и да продолжи реализацијата и градбата на автопатот Кичево-Охрид, делница од коридорот 8, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

– Во однос на реализацијата на автопатот Кичево-Охрид веќе најавивме дека согласно насоките од надзорниот инженер и целиот тим кој што работи од страна на надзорот и Фидик-експертите беше дадена препорака за продолжување на рокот поради 13-те нови свлечишта коишто се појавија. Како што знаете има сè уште средства коишто се ставени на располагање за да бидат реализирани и токму поради тоа не се побараа нови средства за реализација на овој автопат, рече Бочварски.

Автопатот Кичево-Охрид почна да се гради во февруари 2014 година. Требаше да чини 374 милиони евра и да заврши во 2018 година. Со неколку анекси на договорот, рокот за изградба се продолжуваше, цената растеше и сега за негова изградба се предвидени 598 милиони евра. Досега се потрошени околу 440 милиони евра, а остануваат уште 160 милиони евра за завршување.

На 1-ви овој месец Собранието даде зелено светло поддршка на предлогот на Владата за донесување по скратена постапка Предлог законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид. Со ова кинеската компанија „Синохидро“ има рок до крајот на 2026 година да санира 13 свлечишта што се појавиле на трасата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука