Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Од ООУ „Ванчо Николески“ успешно ја завршија првата образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови“

Охрид, 11. април 2-24 (ОХРИДПРЕС) – Ученици и наставници од ООУ „Ванчо Николески“ во март годинава беа дел од првата образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Нашите приказни се наши мостови“/„Our stories are our bridges“, каде охридското училиште беше главен координатор.

– Истата се реализираше во Љубљана, Република Словенија, а домаќин ни беше ОШ „Брезовица при Љубљани“. Во овој проект освен нашето училиште, се вклучени училишта од Корчула, Република Хрватска и Словенија. Целта на овој проект е преку раскажување позитивни приказни што ја истакнуваат важноста на културата, традицијата и обичаите, да се изградат високи вредности кај учениците и преку нив да се поврземе со другите народи. Сметаме дека изложеноста на различни културни приказни може да им помогне на учениците да развијат чувство на емпатија и ценење за разликите. Затоа, важно е на учениците да им се обезбедат можности да учат и ценат различни културни народни приказни и практики. Во рамки на оваа посета имавме можност да ја претставиме земјата, градот и нашето училиште. За време на престојот во училиштето бевме дел од наставни часови каде нашите ученици имаа интерактивно учество, вклучени бевме во работилници за обработка на приказни поврзани со словенечката историја и култура, а на крајот учениците креираа е-book со слушнатите приказни. Во рамки на оваа мобилност ги посетивме езерото Блед и познатата Постојнска јама, а исто така ги посетивме и значајните места во Љубљана. Имавме можност да проследиме и театарска претстава за деца „Kralj Matijaš“ во тамошниот Дом на култура „Cankarijev Dom“ во Љубљана, информираат од училиштето.

Додаваат дека преку низата интерактивни активности поврзани со раскажување и слушање приказни, учесниците на оваа мобилност успеаја да се запознаат со другите култури, да ги согледаат сличностите и да „градат мостови“ на соработка и заедништво.

– Втората мобилност од овој проект е во мај 2024 година, во Хрватска, на островот Корчула. Ова е шести Еразмус+ проект што го реализира училиштето. Претходно се успешно и целосно имплементирани пет Еразмус+ проекти од клучна акција КА 229, потенцираат од ООУ „Ванчо Николески“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука