Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Јубилеен, 50-ти општински натпревар по прва помош

Охрид, 13. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид се одржа 50. јубилеен општински натпревар по прва помош.

Во организација на Црвен крст Охрид, учениците од основните и средните училишта од Охрид и Дебрца, организирани во категории подмладок и младина, се натпреваруваа во укажување прва помош.

– 13 екипи со преку 150 млади на 6 пунктови низ градот ги презентираа стекнатите знаења, вештини и техники за укажување прва помош. Најуспешни, во категоријата подмладок беше екипата на ООУ „Св. Климент Охридски“, второто место го освои екипата на ООУ „Христо Узунов“, а трета беше екипата на ООУ „Св. Наум Охридски“ од селото Пештани. Во категоријата младина првото место и правото на учество на Регионалниот натпревар по прва помош, го освои екипата на ОСУ „Кирил и Методиј“. медицинска паралелка, а второто место го освои екипата на ОСУ „Св. Климент Охридски“, Гимназија. За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите се грижеа 15 судии (лекари, медицински сестри, парамедици на Црвен крст Охрид), а за реалниот приказ на сценаријата и „повредите“ на пунктовите се погрижи тимот за реалистички приказ на повреди, составен од 3 шминкери и 14 актери. 13 водичи, волонтери на Црвен крст Охрид ги водеа екипите по предвидените траектории и пунктови за укажување прва помош. Во овој циклус на подготвока на учениците, со активно учество на менторите од секое училиште и волонтерите-тренери и инструктори по прва помош на Црвен крст Охрид, со најновите знаења, техники и вештини за укажување на прва помош се здобија преку 200 млади. Во едукативниот и забавниот дел од натпреварот младите ги покажаа своите знаења за хуманитарното движење на Црвениот крст, информираат организаторите.

Црвен крст Охрид изразува голема благодарност до сите волонтери, ментори, инструктори, тренери, судии, до основните и средните училишта и до сите кои ја помогнаа реализацијата на 50-от Општински натпревар по прва помош. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука