Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Со бесплатни прегледи на граѓаните, Охридската кардиолошка болница го одбележа Светскиот ден на хипертензија

Охрид, 17. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дел од медицинскиот персонал на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања Охрид денеска беше вклучен во одбележување на Светскиот ден на хипертензија (покачен крвен притисок).

– Имавме можност на охриѓани, но и бројни гости на Охрид да им ја потенцираме важноста од рано откривање, адекватно лекување и промена животните навики со цел да ги намалат ризиците од коронарна болест и мозочен удар. Во ваквите активности ги вклучивме и нашите пациенти кои се вклучени во стационарниот програм на кардиорехабилитација, порачаа од тимот на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања од Охрид.

Испратија и благодарност до АД „Галеб“ од Охрид кој го овозможи транспорот на пациентите од болницата до центарот на Охрид.

Хипертензијата (покачен крвен притисок) согласно податоците на Светската здравствена организација, е одговорна за 7.6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво (13.5% од вкупниот број смртни случаи), повеќе од било кој друг ризик фактор. Околу 54% мозочни удари и 47% од коронарната артериска болест се предизвикани од покачен крвен притисок. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука