Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Во јуни ќе се одржи 5. издание на планинско-езерскиот Фестивал на планината и езерото

Охрид, 27. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Авантуристичкиот клуб Mountain Madness по петти пат организира незаборавен викенд со многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање – Фестивал на планината и езерото.

– Авантурата започнува во сабота на 22-ри јуни со велосипедска тура околу Охридското Езеро и на локации покрај езерото. Оваа тура се организира со цел да се одбележи денот на Охридското Езеро (21-ви јуни). Авантурата продолжува во попладневните часови со логорување во месноста „Корита“ каде ќе се организира камп со логорски оган и уживање со звуците на гитарата. Главниот настан, искачување до врвот „Магаро“ ќе биде во недела, на 23-ти јуни, од 08:00 часот. Акцијата започнува со стартна точка од месноста „Липова Ливада“ која се наога на 1.600 мнв. Патеката е во должина од 9 километри и во времетраење од 5 часа во двата правци. По искачувањето на „Магаро“ ќе се организира забава на плажата во авто кампот „Љубаништа“ со жива музика и Dj, сé до зајдисонце, информираат организаторите.

Додаваат дека во рамките на овој фестивал се планира и есенско искачување на „Магаро“ во септември, за кое датумот ќе биде дополнително објавен.

– Не пропуштајте ја единствената можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро, Галичица е планина сместена помеѓу двете најголеми езера во Република Македонија, Охридското и Преспанското. Врвовите на Галичица нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини. Со оглед на тоа што фестивалот вклучува повеќе настани, од вело тура, логорување, искачување на „Магаро“, забава на плажа… избор на учесникот е во која ќе се вклучи, а може да направи и комбинација.
За време на акцијата за сите учесници влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен. Обезбеден е автобуски превоз од Охрид до стартот и назад по симболична цена. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода. Учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршутата и правилата поставени од организаторот сам одоговараат за последиците, стои во поканата до сите добронамерници.

За подетални информации сите заинтересирани можат да ги контактираат Танески Мишко на 070/771-193 и Голабоски Жанко на 075/607-608. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука