ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерот за здравство Илир Демири го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски

Скопје, 27. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Илир Демири денеска го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски.

Според податоците што стигнале до него, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“, немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка, Демири вели дека може да ја промени и вредноста на исходот.

– Имаше информации дека е зголемена смртноста на Клиниката за кардиохирургија. Оформив комисија и наредив да се испитаат овие информации. Извештајот што го добив нема сигнификантна поврзаност апропо инсинуациите дека е зголемена смртноста. Меѓутоа има друг податок кој денеска стигна до мене. Има 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница и таквата бројка сигурно може да ја промени и вредноста на исходот. Затоа одлучив да го суспендирам медицинскиот директор на Клиниката, д-р Шокаровски, рече Демири на денешната прес-конференција.

Другата причина за разрешување на директорот, според Демири, се крајно нарушените меѓучовечки односи во оваа институција. Околу тоа кој ќе биде новиот директор, Демири рече дека тоа треба да биде експерт што ќе дојде однадвор.

– Бидејќи сум министер во заминување и сакав да го одложам ова и да ја спроведе постапката наредниот министер или јас по некоја случајност ако продолжам да бидам. Таму директор треба да се назначи некој експерт кој е однадвор. Тоа треба да е некој што е поврзан со кардиохирургија или со васкуларна хирургија и ако јас одлучувам нема да биде вработен во Клиника за кардиохирургија, туку ќе биде однадвор. Уште денеска оформив нова комисија за програмата за превенција од превенција од кардиоваскуларни заболувања и ќе побарам светски експерти во Германија, Италија, Швајцарија со кои ќе се договориме да дојдат, додаде Демири.

Охриѓанецот Д-р Марјан Шокаровски беше назначен за нов директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во јуни 2023 година. Во известувањето Министерството, тогаш беше наведено дека д-р Шокаровски е дел од тимот на клиниката од нејзиното основање. Тој е супспецијалист по кардиохирургија, завршена во Универзитетски клинички болнички центар во Загреб, има повеќегодишно хируршко и академско искуство во оваа област, раководител е на оперативниот блок, ангажиран е и како асистент на Медицинскиот факултет-Скопје. (Крај)

извор: 360 Степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука