Избор Македонија Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Одличен успех за охридските таеквондисти на „Гран При Српски Соко 2024“ во Зворник

Зорник/Охрид, 28. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пет златни, 4 сребрени, 6 бронзени и Пехар за најдобар јуниорка 14-15 години за членовите на Таеквондо клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид, 3 златни, 2 сребрени, 1 бронзен и Пехар за најдобар јуниор 16-17 години за ТК „Сонкал“ од Мислешево, Струга, 1 златен, 1 сребрен и 1 бронзен медал за ТК „Чонџи“ од Косел, Охрид, 1 златен и 1 бронзен за ТК „Мастер“ од Охрид и 2 бронзени медали за ТК „Ахилиус“ од Скопје.

Ова вистинско море од медали го освоија нашите најдобри таеквондисти на Меѓународниот натпревар „Гран При Српски Соко 2024“ во Зворник, Босна и Херцеговина. Вкупно освоија 10 златни, 9 сребрени и 4 бронзени медали, 2 Пехари за најдобри поединци и Пехар за второ место екипно. Станува збор за еден од најдобрите натпревари од пролетната натпреварувачка сезона, каде се собираат критериуми и рејтинг за учество на Европски и Светски првенства.

– Репрезетацијата на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (М.Т.Т.Ф.) беше составена од 17 натпреварувачи од 4 клубови, тројца судии, двајца тренери и две официјални лица. Учествуваа над 400 натпреварувачи од 38 клубови од 11 земји: Италија, Грција, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австрија, Унгарија, Романија, Србија, Бугарија и Република Македонија. Кокнкуренцијата беше жестока, но нашите натпреварувачи кои настапија во две дисциплини, форми и борби, направија повторно да се гордееме со нив, освојувајќи 10 златни, 7 сребрени и 11 бронзени медали, а освоија и  2 пехари за најдобри поединци, додека во севкупен пласман го освоија пехарот за второто место. Нашите најдобри поединци и овај пат го потврдија својот квалитет, Давид Крстески, освојувач на брознен медал во борби од последното Европско првенство во Копер, Словенија, се натпреваруваше во две дисциплини и две возрасни категории, -63 кг. јуниори 16-17 години, и -64 кг. сениори влегувајќи да си ја проба среќата со повозрасни натпреварувачи. Тој освои во неговата категорија 16-17 години, 2 златни, и во борби и во форми со што беше награден и со пехар. Во категоријата сениори освои златен медал во форми и сребрен медал во борби. Давид се натпреваруваше паралелно на две борилишта во двете категории, немајќи многу време за одмор. Иако исцрпен докажа дека е еден од најдобрите искачувајќи се на пидесталот во двете категории, информира Марјанчо Лазаревски, претседателот на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација.

Додава дека Христијана Парулеска се натпреваруваше во две дисциплини (форми и борби) во 2 возрасни категории -55 кг. помлади јуниорки 14-15 години, и -57 кг. постари Јуниорки 16-17 години. Таа освои златен медал во борби и бронзен во форми, во категорија 14-15 години, и среберен медал во форми јуниорки 16 -17 години.

– И Христијана се натпреваруваше паралелно на две борилишта во двете категории, но во четвртфиналето, во повозрасната категорија, уморот ја спречи да освои уште еден медал. Таа беше избрана и наградена со пехар за најдобра помлада јуниорка 14-15 години. Елена Јанеска, кој овај пат учествуваше и како судија и како натпреварувач, настапи само во една дисциплина спаринг борби јуниорки 16-17 години -70 кг. Иако преморена од судиските обврски, рутински ги совлада своите конкурентки, освојувајќи го златото во нејзината категорија, со што докажа зошто е една од најдобрите. Покрај овие натпреварувачи од нашата екипа посебно се истакнаа Анѓелкоски Дамјан, Теодора Тодороска, Миа Танеска, Анастасија Трифуноска, Анастасија Чулческа и Китаноски Даријан, вели Лазаревски.

Тој го најавува и Меѓународниот Таеквон-до ИТФ Таеквон-до натпревар „Охрид Опен 2024“, кој ќе се одржи на 22-ри јуни 2024 година во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, во организација на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација и Таеквондо клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид. Оваа година учеството на овој натпревар веќе го имаат најавено повеќе земји и натпреварувачи од претходните години, со што натпреварот веќе прераснува во еден од поквалитетните во регионот (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука