ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Претседателката Сиљановска-Давкова од Охрид најави градење добрососедски односи: Ќе се нуди и ќе се бара почит

Охрид, 31. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска од Охрид порача дека има план за влошените односи со Грција, по реакциите кои пристигнаа по нејзината заклетва, кога таа, наместо сегашното, го употреби името Македонија.

Таа потенцира дека преку разговори ќе ги убедува Грците, дека е во право кога го користи името Македонија, наместо новото уставно име.

– Планот е градење на добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање почит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взамено да ги надминеме проблемите, рече Сиљановска денеска во Охрид.

Таа додава деак не верува дека случајот со нејзината неупотреба на уставното име ќе отиде пред Меѓународниот суд во Хаг поради Преспанскиот договор.

– Истиот тој меѓународен суд, каде ние бевме со Грција, пресуди во однос на членот 11 од Привремената спогодба. Тоа е исто меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до ОН и потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа се случи во нашиот случај, вели Давкова.

Таа нагласи дека ќе „го почитува Преспанскиот договор, го почитува меѓународното право за разлика од други. Зборува за лична определба, тоа е право кое е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“. (Крај)

извор: Независен.мк фото: Независен.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука