Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети свештеномаченик Терапонт, епископ Сардиски

Охрид, 9. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети свештеномаченик Терапонт, епископ Сардиски.

Мнозина Елини ги обрати во верата Христова, заради што од незнабожците беше луто мачен со глад, затвор и ќотек. Гол го положија на земја, го врзаа за четири суви колци, па немилосрдно го биеја додека не му го свлекоа месото од коските. Но, маченикот сепак остана жив, а оние суви колци зазеленеа и пораснаа во високи дрвја, од коишто големо мнозинство болни добиваа исцеление.

Најпосле, свети Терапонт беше заклан како јагне, во времето на Валеријан, и со душата се пресели во Царството Небесно за да ја гледа славата Божја во вечноста. Чесно пострада во 259 година.

Тропар

Раззеленувањето на дрвјата ја покажува силата на пролетта, но ти, Терапонте, со благодатта Христова, надминувајќи ја природата створена, со вера во Оној Кој човекот не го напушта, ја исповеда верата во Пресвета Троица, и покажа Бог преку тебе дека во живот вечен од мртвило изведува. Затоа моли се, о ти, чија крв дава живот на мртвата природа, да се засили верата во човека, и преку неа да се спаси од лагата погубна. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука