Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Продолжуваат активностите за впишување на Спасе и Спаса Вишенски во Диптихот на светиите

Струга/Охрид, 9. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат активностите со достојно одбележување на впишувањето во диптихот, односно канонизацијата на Светите Спасе и Спаса Вишенски.

Во храмот „Св.Атанасиј Велики“ во село Вишни, вчера се служеше Воскресна вечерна богослужба и измивање на моштите на Св. Спаса. Во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа Воскресна вечерна богослужба, по што беа пречекани моштите на Св. Спаса и се одржа последен парастос.

Настаните продолжуваат денеска, во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид. Со почеток во 07:30 часот ќе се служи Утрена воскресна богослужба. Од 09:00 часот ќе започне Света архиерејска литургија и објавување на одлуката за канонизација на Св. Спасе и Св. Спаса Вишенски. Ќе присуствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан и останатите архиереи.

Што опфаќа процесот на канонизација?

Помеѓу телата со кои раководи Светиот Архиерејски Синод, постои и Комисија за канонизација на нови светители. Комисијата брои четири члена. Кога Црквата препознава посебна почит од своите верни чеда кон некој кој се истакнал со својот христијански живот и подвиг, тогаш комисијата почнува да собира материјал за таа личност. Прво и најважно, се гледа култот и почитта што народот почнува да ги гради кон некого. Потоа, се испитува животот на тој човек, дали правилно ја исповедал верата Христова, дали била дел од официјалната Црква, каква била неговата смрт, и дали после неговото упокојување се забележуваат чуда и чудесни настани, по неговите молитвени застапништва. Неретко се случува после смртта, телата на светите луѓе да останат цели и нераспаднати, од нив да се шири благопријатен мирис, коските да добијат не бела, туку чудесна златеста боја, каков што е случајот и со света Спаса. Сите тие знаци ни покажуваат дека Светиот Дух живеел во тие луѓе и дека Бог се прославил преку нив. Откако комисијата ќе собере доволно материјал, и добро ќе го испита животот на новиот светител, ќе собере сведоштва за неговата светост и ќе се увери дека истиот е почитуван од православниот народ, подготвува богослужба (Вечерна и Утрена), акатис и изработува икона за новиот светител, одредува датум за негово прославување, што најчесто е денот на смртта, а доколку тој не е познат, тогаш датум што има некаква поврзаност со неговото житие, и тоа го доставува до Светиот Архиерејски Синод, во форма на предлог за канонизација на нов светител. Синодот во полн состав, со согласност на сите архиереи, одлучува по тој предлог, по што донесува одлука за канонизација на нов светител. Таа одлука се обзнанува пред верниот народ, на соборна Литургија, при што се пее службата и се претставува иконата на новиот светител, што всушност денес го претставува самиот чин на канонизација.

По повод овој голем и важен настан разговаравме со протојереј-ставрофор Александар Димоски, кој појаснува што опфаќа процесот на канонизација, што значи овој настан за православието и кој ден е избран како празник на Спасе и Спаса Вишенски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Дејан Пановски видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука