Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Сообраќајните незгоди станаа секојдневие, ниската сообраќајна култура и лошата патна инфраструктура го земаат данокот

Охрид, 9. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Последната сообраќајна незгода од вчера, кога возило се преврте кај „Св. Еразмо“, уште еднаш го враќа во центарот на вниманието проблемот со сообраќајните незгоди, кои како да станаа секојдневие.

Возило се преврте во близина на „Св. Еразмо“… Сообраќајна незгода на кружниот тек пред хотел „Монтенегрин“, полесно повреден велосипедист…

Ова се само дел од насловите деновиве, за кои со право реагираат охриѓани. Дали доволно ги почитуваме правилата, имаме ли сообраќајници кои одговараат на годината во која живееме и средствата кои сите заедно ги издвојуваме?

Одговорите на овие прашања ги знаеме сите, а ако на тоа се додаде и состојбата во која се наоѓа и најважната сообраќајница, односно патниот правец од Скопје кон Охрид преку Кичево, доаѓаме и до одговорот на бројката на сообраќајни незгоди кои се случуваат скоро секојдневно.

Многу повредени и многу жртви однесе годиниве наназад патниот правец Кичево-Охрид, кој е се’ уште во изградба. Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, односно далеку над првично предвидените 374 милиони евра. Работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, по што рокот беше поместен за 2018 година, односно подоцна за  јуни 2021 година, па крајот на 2023 година, па…

Изградбата на автопатот Кичево Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе.

Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука