Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Пуштен во употреба дел од патниот правец од Елбасан во Албанија до Граничниот премин „Ќафасан“ со Република Македонија (Фото)

Охрид, 9. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат градежните работи кои се одвиваат на дел од патниот правец кој ќе води од градот Елбасан во соседна Албанија до Граничниот премин „Ќафасан“ со Република Македонија.

Еден месец после последната, екипа на OhridPress денеска направи нова кратка фото репортажа од состојбата во која се наоѓа овој патен правец. Автопатот на еден дел веќе се користи и може да се каже дека станува збор за одличен патен правец, кој кога ќе се заврши, значително ќе придонесе во поврзувањето на двете држави. Истиот е дел од Европскиот Коридор VIII и на него паралелно се одвиваат градежни работи за тампонирање и асфалтирање на делницата. Поголемите зафати започнуваат од локацијата на хотел „Балкан“, па натаму кон Елбасан.

Премиерот на Албанија Еди Рама на неговиот профил на Facebook, кон крајот на февруари годинава објави видео од градежните работи кои се одвиваат на овој дел од патниот правец.

Работата на овој потег започна пред околу една година. Станува збор за потег од околу 6 километри, а целиот зафат до границата со Република Македонија треба да заврши за околу две години.

Со ова уште повеќе ќе се подобри патната инфраструктура од албанска страна кон Република Македонија. OhridPress неодамна објави кратка репортажа за патниот правец од другата страна, кој води до влезот во Македонија и граничниот премин кај Св. Наум. Од албанска страна е изграден современ пат и пешачко/велосипедски патеки, кој пред Тушемиште се разгранува на два дела и едниот води покрај езерото кон Поградец и натаму, а другиот на кој се работи е нов крак кој треба да го олесни патувањето и преку заобиколен пат да се избегнат сообраќајните гужви во Поградец.

Во пресрет на летната сезона се работи и на македонската страна од езњерото. Продолжува реконструкцијата на регионалниот пат 1301, кој води од Охрид до Свети Наум, која започна на 24-ти октомври 2023 година. Во моментов, асфалтирана е делницата од Св. Наум до неколку километри после селото Трпејца. На остатокот, до Музејот на вода се извршени подготовки за асфалтирање, а натаму до Пештани се санирани и закрпени поголемите дупки на коловозот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука