Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ЦУК со предупредување за опасност од змии

Скопје/Охрид, 11. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за управување со кризи (ЦУК) превентивно ги потсетува граѓаните дека при прошетки во природа може да се сретнат со змии кои најчесто бегаат од луѓето.

Ако змиите бидат вознемирувани намерно или ако случајно бидат нагазени или наседнати, иако во ретки случаи, граѓаните можат да бидат гризнати од влекачите.

– Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман, соопштија од ЦУК.

На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имало повици за многу различни итни случаи, меѓу кои и за опасност од присуство на змии во објекти во населени места. Посочуваат дека во одредени случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места, како при симнување мачки од дрвја или повисоки места, но, нагласуваат, тоа не може да се оствари секогаш, особено во период на сезона на пожари.

– За вакви специфични случаи на појава на змии во објекти во населени места не постојат специјализирани институции за нивно отстранување, туку има физички лица, а и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии, други влекачи од објекти и површини. Таквиот ангажман и слично, се остварува секако по непосреден контакт и договор со нив, во рамки на заеднички, а и законски можности, стои во соопштението.

ЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука