Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

МИА: Холандски државјанин во Охрид каснат од змија, во локалната болница немале серум, итно пренесен во Дебар

Охрид/Дебар, 11. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Холандски државјанин бил итно транспортиран со амбулантно возило до Општата болница со прoширена дејност во Дебар, каде примил антивиперин, затоа што во охридската Општа болница не располагале со овој серум против змиски отров.

МИА јави дека неофицијално, се работи за холандски државјанин, кој бил на одмор во Охрид.

– Колегите од Општата болница од Охрид, кои не располагале со серум, ни се јавија за случајот и веднаш излеговме во пресрет, да помогнеме. Времето беше во прашање, кое не дозволуваше да однесеме серум до Охрид, поради што со санитетско возило од охридската болница пациентот беше донесен кај нас. Тој прими антивиперин и повторно беше вратен во Охрид, изјавил за МИА, директорот на болницата во Дебар Јетлумт Пашоли.

Според него, имајќи го предвид периодот на појава на змии, навреме се снабдиле со потребниот серум, посака да нема потреба, но, изрази подготвеност да се помогне доколку затреба.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) превентивно ги потсетуваат граѓаните дека при прошетки во природа може да се сретнат со змии кои најчесто бегаат од луѓето. Ако змиите бидат вознемирувани намерно или ако случајно бидат нагазени или наседнати, иако во ретки случаи, граѓаните можат да бидат гризнати од влекачите.

– Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман, соопштија од ЦУК. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука