ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Точков: Интерес за обука за спасители на вода има, но не е голем, освен од Охрид кандидати има и од други македонски градови

Охрид, 13. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во тек е повикот на охридскиот Црвен крст за пријавување кандидати за посетување обука за спасители на отворени води.

Претседателот на организацијата Сашо Точков за Супер радио и OhridPress вели дека засега интерес има, иако не е преголем, а освен од Охрид пријавени се кандидати и од други градови од земјава. Обуката ќе се одвива од 21-ви до 28-ми јуни 2024 година во претпладневните и попладневните часови, со практичен и теоретски дел.

– Досега се пријавени 7-8 млади луѓе од Охрид, но и од други градови, има од Кавдарци, Гевгелија, Велес. Нудиме перфектни услови за работа и за усовршување. По завршување на обуката што ќе ја спроведуваат меѓународни инструктори и според стандардите на Меѓународната асоцијација за безбедност на вода, сите оние кои успешно ќе ја завршат обуката се стекнуваат со сертификат за спасител на отворени води, признаен насекаде во светот, вели Точков.

Додава дека има наши спасители кои години наназад работат и во други земји, во Грција, Шпанија, Америка, Австралија.

Обуки изминативе години поминале 480 спасители, но сега нивниот број е двоцифрен. Тоа е последица на веќе долгогодишниот проблем со иселувањето на младите луѓе, но и сé помалиот интерес, со чест на исклучоците, за занимавање со вакви хумани и благородни професии.

– Ние сме подготвени да излеземе во одреден број на капалиштата. И кај нас е ситуацијата неповолна во однос на тоа што голем број млади луѓе, спасители кои се отселија одат во поразвиените земји, но можам да кажам и да ги охрабрам сите кои успешно ќе ја завршат обуката ќе имаат можност да бидат вработени, односно ангажирани како спасители, додава Точков.

spasitelidrim1

Потенцира дека капалиштата што имаат концесионер, како и оние пред хотелско-угостителските објекти, секоја година навреме си обезбедуваат услови за безбедно капење, спорт и рекреација на гостите и ангажираат спасители, па Точков се надева дека така ќе биде и за оваа сезона. Некои од нив веќе пројавиле интерес. Но, не знае како ќе се постапува на слободните плажи.

– Не сите плажи имаат концесионер. Така што ако поминете по крајбрежјето од „Горица 3“ натаму ситуацијата е катастрофална во однос на отпадоци ѓубре, неуредени плажи, тоа се тие плажи кои се слободни и се надевам ќе бидат уредени, рече Точков.

Колку за илустрација минатата година на капалиштата беа ангажирани околу 15 спасители на вода кои имаа вкупно 840 интервенции, успешно спасиле 14 давеници од кои 10 активни.

Покрај тоа, медицински тимови но и тимови за прва помош на Црвен крст Охрид ќе бидат присутни на сите јавни настани на копно и на вода од маратоните, до регатите и Ohrid water festival во месец август. Точков потенцира дека нивните екипи ќе бидат подготвени да излезат во пресрет на барањата на организаторите на овие настани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука