Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Го носи името на светецот, болницата „Св. Еразмо“ од Охрид со мисија за здрави граѓани

Охрид, 15. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Носејќи го името на големиот светец, чиј ден се одбележува денеска, ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид, сместена во непосредна близина на неговиот манастир, продолжува да работи со силна и посветена мисија за здрави граѓани.

Болницата е формирана на 19-ти јули 1950 година, како Специјална болница за коснозглобна туберкулоза. Низ повеќегодишниот стручен, кадровски, просторен, технички и економски развој во болницата се создадоа услови, покрај костната туберкулоза успешно да се лекуваат и сите други ортопедско трауматолошки заболувања така таа се разви во специјализирана здравствена организација за давање на здравствена заштита во областа на ортопедијата и трауматологијата и костнозглобна туберкулоза, но само за десет години во 1988 година прерасна во Институт за ортопедија и трауматологија.

Со усогласување на Законот за здравствена заштита, а со Одлука на Собранието на Република Македонија, од 16-ти јуни 1995 година го менува називот во Јавна здравствена организација „Специјална болница за ортопедија и трауматологија“ Охрид, а во 2000 година со Одлука на Собранието на Република Македонија го доби и називот „Св. Еразмо“.

Болницата го осигурува третманот на сите заболувања специјалистичко-консултативна и болничка, на локомоторниот апарат вклучувајќи медикаментозен – хируршки, конзервативен третман и третман со физикална терапија и и рехабилитација како продолжено болничко лекување и тоа: аномалии на локомоторниот систем, исчашување на колкчиња, деформитети на стапало, врат, граден кош, заболувања на ‘рбетот (тумори, вадење дискус, искривувања – кифози и сколиози), оперативни интервенции на колк и колено со апликација на ендопротези , остетомии, пластики, колено-артроскопски и слични интервенции, вадење менискуси, синовектомии, артродези, коњско стапало, рамни стапала,еџцаватус, варус, аддуцтус, неспецифични и специфични воспалителни заболувања на коските и зглобовите, згрижување на сите видови скршеници на локомоторниот систем, издолжување на екстремитетите и решавање на псеудоартрози по методата „Илизаров“, оперативни зафати од доменот на урологијата и пластичната хирургија, церебрална парализа, (конзервативно и оперативно лекување),третман со физикална терапија, хидротерапија, Кинези терапија, хелиотерапија и ласеротерапија, рехабилитација како продолжено болничко лекување и сл.

За дел од овие услуги, ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ е единствена на територијата на Република Македонија како што е оперативниот третман на деформитети на ‘рбет и оперативно лекување на ортопедски и трауматолошки случаи по методот на Илизаров.

Од февруари годинава, прв човек на болницата е ортопедот доктор Јордан Смически, кој неодамна, во интервју за Супер радио и OhridPress истакна дека предизвиците со кои се соочува институцијата се пред сѐ инфраструктурни, дека полни седум години се во реконструкција и дека сѐ уште не се знае судбината на проширениот дел од болницата и дали таму ќе работи Центарот за кардиологија.

– Недостиг на кадар има, но засега успеваат да излезат во пресрет на сите пациенти. Во 2023 година во болницата се лекувани 1.868 пациенти, има вкупно 225 вработени, 26 доктори специјалисти, вели д-р Јордан Смически. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука