ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ПСС годинава со 18 интервенции, повторно се отвора прашањето за безбедноста на патот Охрид-Преспа преку Галичица

Охрид, 18. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на 2024 година, Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид имала 18 интервенции, информира раководителот Антонио Додевски.

За жал, последната интервенција на службата не можеше да ги спаси двете лица кои настрадаа на Галичица, што уште еднаш го отвора прашањето за тоа колку е безбеден патниот правец Охрид-Преспа преку превојот на Галичица.

Вчера околу 13:00 часот, во провалија покрај патот Охрид-Отешево, полициски службеници од Полициската станица Ресен, со помош од параглајдеристи пронашле патничко возило марка „Фолксваген голф“ со ресенски регистарски ознаки, во чија близина биле пронајдени двете починати лица.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт кај лицата, а полициски службеници констатирале дека се работи за М.Х.(59) и М.Х.(56), двајцата од Ресен, за кои на 16-ти јуни 2024 година, во 22:00 часот нивниот син пријавил дека се оддалечиле од домот со возилото.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), несреќата се случила кај местото викано „Превој“, а возилото паднало во провалија со длабочина до 200 метри. Извршен бил увид, а по наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле дадени на обдукција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ПСС

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука