ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Продолжува Собраниската седница, Македонија до полноќ треба да добие нова влада

Охрид, 23. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во 11:00 часот треба да продолжи Собраниската седница за избор на нова влада, откако вчера се одржа првиот ден од расправата по единствената точка на дневен ред.

Мандатарот Христијан Мицкоски ја претстави програмата и најави многу работа и нови инвестиции, како и довршување на инфраструктурните проекти, како автопатот Кичево-Охрид.

Критики упатија пратениците од редовите на СДСМ, каде ги прашаа новите министри дали ќе го користат новото уставно име или не, и дали Владата ќе има прв вицепремиер.

Владата се бира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Во кабинетот на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Кои се новите министри?

Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија – Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска Димитриеска. Функцијата на заменик претседател на Владата и министер за транспорт треба да ја добие Александар Николоски, во ресоротот одбрана се предлага Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.

Со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, Цветан Трипуновски ќе го добие Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска ќе биде прв човек во образование и наука, кандидат за во Министерството за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а со Министерството за спорт ќе раководи ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ – вицепремиер задолжен за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

На министерската функција во правда треба да дојде Игор Филков, додека за министер за јавна администрација е предложен Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.

Нова политичка структура

Лидерите од Коалицијата „Вреди“ во пресрет на собраниската седница за избор на новата влада, на трибина ја претставија Платформата на патриотизмот како знаење, професионализам и одговорност според која ќе се водат нивните министри, заменици министри и раководители на институции во наредниот четиригодишен период како дел од новата влада.

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата се предлага Изет Меџити од коалицијата Вреди, за здравство – Арбен Таравари, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за економија – Бесар Дурмиши; Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања, а вицепремиер и министер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи.

– Заврши времето на демагогија, денеска се бараат образовани, искусни и храбри луѓе да бидат носители на сложени реформски процеси за да ја направиме нашата земја нормална, економски развиена и подготвена за интегрирање во ЕУ. Ќе се фокусираме на работата, почитување на институциите, одговорност за преземената задача, исполнување на обврските навремено и успешно. Тоа може да го направи само новата генерација која е ослободена од товарот на старото, од хипотеките на минатото, од фолклорот полн со зборови и малку труд, рече лидерот на Демократското движење Изет Меџити.

Тој истакна дека „Вреди“ е победник на парламентарните избори и е новиот политички фактор кој ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност, новата политичка структура која ќе биде носител на успешна институционална транзиција. Во однос на Законот за реформа на органите на државата управа кој беше донесен со двотретинско мнозинство од новиот парламентарен состав, нагласи дека претстои голема реформа и трансформација на министерствата, но дека содржината, односно основните концепти ќе останат исти, а правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор. Притоа Меџити најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон. (Крај)

извор: ОхридПрес/DW фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука